Минималната плата треба да се зголеми овој месец, но за колку, се уште не е познато. Согласно законот, зголемувањето би требало да биде околу 1.800 денари, а синдикатот бара зголемување за 6.000 денари и придонесите за разликата до 30.000 денари, колку што би изнесувала минималната плата, да ги субвенционира Владата. Оттаму пак велат дека пари во Буџетот за оваа намена не се планирани. Се согласуваат со секое решение што ќе го договорат синдикатите и работодавачите, но со целосно подмирени трошоци од страна на работодавачите.

Одлуката треба да биде донесена на Економско-социјалниот совет каде партиципираат трите социјални партнери, но засега не се знае кога ќе се одржи седницата. Во вторник, според најавите, на владина седница треба да бидат предложени тројцата членови во Комисијата за репрезентативност кои ќе треба да ја утврдат репрезентативноста на синдикатите.

Премиерот Христијан Мицкоски вчера во изјава за медиумите потврди дека во Буџетот нема пари за субвенционирање. За него е прифатливо секое решение што ќе го договорат синдикатите и работодавачите, но со целосно подмирени трошоци од страна на работодавачите.

Коментирајќи го барањето на Сојузот на синдикати за зголемување на минималната плата, Мицкоски рече дека жали што синдикатор се претворил во гласноговорник на опозицијата.

– Жалам што Сојузот на синдикати на Македонија полека, но сигурно, се претвора во партиска бина или гласноговорник на коалицијата Левица, СДСМ и ДУИ и практично тоа што овие го говорат во Парламентот, тие го говорат на прес-конференции. Тие одбрале таков начин да функционираат. Жалам што во минатото изостана овој предлог. Тие мислат дека сега ќе го исцрпат Буџетот и дека ние ќе дадеме 100-200 милиони денари за нив нема за улици, градинки, училишта, канализации…, рече Мицкоски по посетата на општина Илинден.

И од ВМРО-ДПМНЕ го спорат легитимитетот на претседателот на ССМ Слободан Трендафилов, посочувајќи дека е избран на нелегален начин.

– СДС го постави Слободан Трендафилов на чело на ССМ. Тој молчеше додека на власт беа СДС, а сега глуми синдикалец. Слободан Трендафилов е избран за претседател на ССМ на еден крајно насилен начин, со изигрување на прописите, изјави Бране Петрушевски од ВМРО-ДПМНЕ на прес-конференција.

По ова со реакција се јави и претседателот на ССМ кој во објава на Фејсбук напиша дека ВМРО и СДСМ можат слободно да се обвинуваат меѓусебно, имајќи предвид дека и едните и другите кога биле на власт, биле против работниците.

– За едните бев портпарол на ВМРО, за другите сум портпарол на СДСМ, и нивната перцепција секогаш зависи од позицијата во која се наоѓаат, односно дали се на власт или се во опозиција. ССМ работи за работниците, а ВМРО и СДСМ можат слободно да се обвинуваат меѓусебно, имајќи во предвид дека и едните и другите кога беа на власт беа и се против работниците. Борбата за зголемување на работничките плати е чиста работничка борба, напиша Трендафилов.

Претседателот на Сојузот на Синдикатите на Македонија (ССМ), Слободан Трендафилов е оптимист и очекува да има средба со премиерот Христијан Мицкоски за зголемување на минималната плата. Како

ССМ во понеделникот побара зголемување на минималната плата од 6000 денари со што таа би достигнала до 30.000 денари, а работодавачите една година да бидат ослободени од социјалните придонеси, односно придонесите да ги субвенционира државата.

Според претседателот на ССМ, созреано е времето социјалните партнери да си подадат рака и да го унапредат животниот стандард на работниците, но и да го сочуваат квалификуваниот кадар. Секој глас против зголемување на платите, како што истакна претседателот на ССМ, е глас за купување билет во еден правец и напуштање на државата

– Апелирам до Владата и работодавачите да го прифатат предлогот на ССМ, а пратениците, како што беа сложни за нивните патни трошоци, да гласаат за дополнително зголемување на минималната плата за 6 000 денари што ќе значи и дополнително зголемување на сите остантати плати на работниците во Македонија. Ние не правиме упад во даночната политика, напротив. Со тоа што ќе добиеме зголемени плати нема да заминеме во банките за да ги штедиме тие средства што сме ги добиле како зголемување, туку со нив ќе ги купиме основните прехранбени производи кои се даночат со стапка од 5, 10, 15 или 18 отсто, рече Трендафилов на прес-конференција во понеделникот.

Фото: МИА архива