Премиерот Христијан Мицкоски денеска обелодени дека патувањето на македонската делегација во Будимпешта, по повод одржување заедничка меѓувладина седница, чинело 2 600 000 денари.
Со оваа сума, како што рече, се покриени трошоците за авионски билети за 60 лица кои биле дел од македонската делегација во Унгарија. Додаде дека тоа е околу 700 евра по билет со сите вклучени такси.
Изјавата на Мицкоски следува откако опозицискиот СДСМ вчера го прозва премиерот да каже колку чинело патувањето на владината делегација во Унгарија со приватен чартер лет.
„Трошокот е за 30 проценти помал отколку ако би оделе со комерцијална линија Скопје-Виена-Будимпешта, Будимпешта-Виена-Скопје или Скопје-Истанбул-Будимпешта, Будимпешта-Истанбул-Скопје. Тоа се линиите коишто во тој момент беа на располагање, но и од двете дестинации бевме одбиени за групна карта којашто инаку во принцип беше за 30 проценти поскапа“,
изјави Мицкоски одговарајќи на новинарски прашања.
Дали вреди – Мицкоски вели дека вреди.
„Стигнаа 250 милиони евра за бизнисот, 250 милиони евра за општините. Дали ќе стигнат уште многу стотици милиони евра – да, наскоро и тоа ќе го објавиме – целосна реконструкција на сите регионални, магистрални и експресни патишта по ултраповолни услови. Дали вредело, ако мене ако ме прашате – да вредело, дали тоа е добро за граѓаните – тие ќе го кажат за шест месеци отсега на локалните избори“, додаде Мицкоски.