СВР Скопје ги известува граѓаните на Скопје дека денеска со почеток во 12.00 часот ќе се одржи протестен марш по повод 8 Март со собирно место на бул. „Партизански одреди”, со траса на движење по бул. „Партизански одреди”, кон бул.„Св.Климент Охридски”, десно на бул.”Илинден”, право преку мост „Гоце Делчев” кон Стоковна куќа „Мост”, десно по бул. „Филип 2-ри Македонски” со крајна цел парк „Жена Борец” и бул. „11-ти Октомври” пред Собрание на Република Северна Македонија околу 15.00 часот.
Единицата за безбедност на патниот сообраќај при СВР Скопје ќе преземе мерки за посебен режим на сообраќајот по сообраќајниците на поширокото централно подрачје на град Скопје.
СВР Скопје апелира до граѓаните да ги почитуваат наредбите што ги издаваат полициските службеници.
По повод Денот на жената 8 Март, Платформата за родова еднаквост денеска во Скопје организира Марш за женски права, кој годинава ќе се одржи под слоганот „Нека јадат ружи!“.
Организаторот повикува на женски марш и на солидарен женски бојкот за да се одбележи Меѓународниот ден за економска, политичка и општествена борба за рамноправност на жените.
-8 Март не е ден за симболични гестови и излитени фрази. Овој 8 Март не сакаме ружи. Што ќе ни се ружи кога немаме за леб? Живееме во нехуман и неодржлив систем базиран на системско силеџиство што ни ги окупира животите и ни ги ограничува одлуките и можностите. А во кризи, товарот несразмерно ја погодува жената. Токму затоа, велиме, не сакаме ружи, туку повикуваме на феминистичка борба за слобода, солидарност и автономија, велат од Платформата за родова еднаквост.
Ги повикуваат жените денеска да ги бојкотираат и големите маркети, ланци и трговските центри бидејќи, „преку вештачки наметната инфлација нѐ доведуваат до раб на егзистенција“, како и на бојкот на домашните обврски.
-За да ја истакнеме вредноста на сè што секојдневно правиме во домот, овој 8 март ги повикуваме жените на бојкот на домашните обврски. Сите заедно ќе му се спротивставиме на силеџиството на овој систем и ќе ги сопреме неговите запчаници, барем на еден ден, велат организаторите.
Маршот ќе почне во 13 часот пред Универзална сала и ќе заврши во паркот „Жена борец“ со завршни обраќања до јавноста и институциите.
ФОТО: Архива