Попладнево е уапсен бизнисменот и поранешен директор на спортскиот центар „Борис Трајковски“, Ратко Капушевски“, објавија повеќе медиуми. Според неофицијални информации, Капушевски е приведен од неговиот дом, каде полицијата и натаму врши претрес.
„Одделот за сузбивање организиран криминал и корупција при Бирото за јавна безбедност (БЈБ), МВР, во координација со ОЈО за ГОКК, по наредба на судија на претходна постапка врши претреси на локации во Скопје и низ државата во врска со сторени кривични дела поврзани со сомнителна набавка на деривати, штета од големи размери на буџетот на државата и штета врз здравјето на луѓето“, велат од полицијата.
Капушевски е ексдиректор на спортскиот центар „Борис Трајковски“ од редовите на ВМРО-ДПМНЕ. Во 2014 година ја напушти државната служба и започна работа како проект-менаџер во канцеларијата на рускиот бизнисмен Сергеј Самсоненко. Потоа, се посвети на енергетскиот сектор и неговата компанија, РКМ, која добавуваше мазут за ТЕЦ „Неготино“. Токму мазутот и набавките се предмет на истрага во Обвинителството.