Подобра колективна безбедност за сите нас, пред се’, значи членството во НАТО. Ова го истакна министерот за одбрана, Владо Мисајловски го гостувањето во Тема на денот на Сител телевизија.
-Ние во 2008 година заслуживме да бидеме земја членка на НАТО. Многу отстапки и жртви даде Македонија за членството во НАТО. Најважно е дека седиме на масата, седиме со големите сили, со најголемото безбедносно семејство. Многу компании може да учествуваат на НАТО пазарот. Најважно од се’ е да се гарантира безбедноста на државата. Важно е и дека НАТО и ЕУ имаат заеднички точки, затоа е важно да бидеме и членка на ЕУ, бидејќи многу различни сегменти се поврзани, истакна министерот Мисајловски.
Во однос на помошта за Украина, министерот за одбрана посочи дека како земја ќе продолжиме да помагаме, но не можеме да не го гледаме македонскиот национален интерес.
-Многу пати кажувам, она што на Армијата и е најпотребно не може да се даде. Знаеме какви жаришта има, не само во Европа, туку и надвор. Ние мораме паралелно да се модернизираме, да купуваме опрема и да помагаме колку што можеме. Во овој момент приоритет е македонската армија и нашите капацитети. Ние како Министерство за одбрана мора да одиме по оперативните барања на Армијата. Она што го бара Армијата, ние како Министерство сме сервис, и навистина ми е драго што ќе се подмлади Армијата со 300 нови професионални војници, го објавивме огласот и има голем интерес, потенцираше Мисајловски.
По однос на учеството на македонски војници во Украна, министерот рече дека за такво нешто нема ниту барање од НАТО.
-Во овој момент се разговара како да се постигне мир, нагласи тој.
Мисајловски потенцира дека Македонија има безбедносна ситуација која е мирна и стабилна.