Владата на Бурунди донесе одлука за прогласување на Гитера за нов главен град на државата наместо досегашниот Буџумбура, соопшти портпаролот на бурундскиот претседател Пјер Нкурунзиза, Жан-Клод Карерва Ндензако.

– Советот на министри на Бурунди штотуку усвои историски предлог-закон за промена на главниот град, објави Ндензако на Твитер.

Според најавите, од сега Владата своите седници ќе ги одржува во Гитера, а на почетокот на следната година во овој град, што се наоѓа во централниот дел на Бурунди, ќе бидат преселени пет министерства, вклучитрелно и она за внатрешни работи.

Одлуката за промена на главниот град треба да ја одобри Парламентот на Бурунди, во кој владејачката партија Национален совет за одбрана на демократијата – Сили за одбрана на демократијата (ЦНДД-ФДД) има двотретинско мнозинство.