24 декември
1491.- Роден е Игнасио де Лојола, основач на језуитскиот ред во 1534 година. Го изработил уставот на језуитскиот ред и прирачникот под назив „Духовни вежби за владеење над самиот себе“. Го воспоставил монашкиот ред, како и целиот духовен систем кој имал голема улога во историјата, како и во интелектуалните католички кругови денес.
1524.- Умрел португалскиот морепловец Васко де Гама, кој во 1498 година го пронашол патот до Индија пловејќи околу Африка. Ова придонесло за развојот на трговијата меѓу западна Европа и Азија и јакнењето на моќта на Португалија. При второто патување во Индија во 1502 година ја воспоставил португалската колонијална власт, а во текот на третото патување умрел во Индија.
1798.- Роден е Адам Мицкиевич, полски поет, драмски писател и револуционер, основач и водач на полскиот романтизам. Негови најзначајни дела се збирките песни „Балади и романси“ и „Кримски сонети“, еповите „Конрад Веленрод“, „Пан Тадеуш“ и драмата „Задушници“. Умрел во Истанбул, на 26 ноември 1855 година.
1818.- Роден е англискиот физичар Џејмс Прескот Џул. Во негова чест меѓународната мерна единица за енергија е наречена „џул“. Термодинамичниот процес за претворање на топлотната енергија во механичка, врз основа на која работат турбомлазните авиони, е наречен „Џулов циклус“.
1863.- Во Лондон умрел Вилијам Текери, англиски писател, еден од најзначајните сатиричари на 19. век. Негово најзначајно дело е „Панаѓур на суетата“. Роден бил во Калкута, Индија, на 18 јули 1811 година.
1922.- Родена е американската филмска актерка Луси Џонсон, позната како Ава Гарднер. Филмови: „Снеговите на Килиманџаро“, „Сонцето повторно се раѓа“, „Осамена ѕвезда“, „Нага Маја“, „Ноќ на игуаните“, „Педесет и пет дена во Пекинг“.
1924.- Во Битола била пуштена во работа првата електроцентрала. На 24 декември попладнето Широк Сокак и просторот околу Саат Кулата биле преполни со народ. Симеон Бундалевски од својата канцеларија на Широк Сокак, телефонски му наредил на машинистот, Австриецот Франц Тројнко, да ги активира машините и да ги запали електричните светилки низ битолските улици. И тогаш, околу 17 часот, пред воодушевениот насобран народ, на битолските улици светнале електричните светилки.
Битолчани, 3—4 години по скопјани, добиле електрично осветлување. Беа задоволни што и од битолските улици ја снема темнината. Α Битола во тој период, според официјалните податоци, имаше 235 улици во должина од 30 километри, 7.000 згради и близу 30.000 жители.
Според евиденцијата на Електроиндустријата „Битола”, во Битола тогаш биле поставени 4 трансформаторски станици и водови на низок и висок напон во должина од околу 9 километри за што била потрошена 3,5 вагони бакарна жица. Значи, оваа електроиндустрија била подготвена, со својот инсталиран капацитет од 210 коњски сили, да задоволи голем број потрошувачи. Но, за жал, потрошувачката на електричната енергија била сосем мала и главно се движеше од 10 — 25 киловати дневно. Широката потрошувачка на која најмногу се сметаше не се одвиваше според очекувањата. Електрично осветление воведоа само неколку битолски домаќинства (основачите на Термоцентралата и некои општински функционери).
1942.- На германскиот експериментален полигон во местото Пинемунде во Втората светска војна успешно била тестирана новата ракета земја-земја наречена „ФЗГ 76“, која подоцна станала позната како ракета „Фау 1“.
1951.- Либија била прогласена за независна држава на чело со кралот Идриз Први од семејството Сенуси.
1982.- Умрел францускиот писател Луј Арагон, најпрво дадаист, потоа надреалист и на крајот – соцреалист. Дела: збирка песни – „Оган на радоста“, „Ура Урал“, „Елзините очи“, „Елза“, романи – „Селанецот од Париз“, „Базелските ѕвона“, „Света Недела“, „Комунисти“, есеи – „Комунистичкиот човек“, „Советска книжевност“, „За социјалистичкиот реализам“, „Расправа за стилот“.
1991.- Михаил Горбачов му ја предал на Борис Елцин командата врз советското нуклеарно оружје.
1992.- Претседателот на САД Џорџ Буш го амнестирал поранешниот министер за одбрана Каспар Вајнбергер со уште пет функционери вмешани во скандалот „Ирангејт“.
1995.- На парламентарните избори во Турција најмногу гласови освоила исламската Партија на просперитетот. Тоа била прва изборна победа на исламистите во 72-годишната историја на секуларна Турција.
2002.- Украински патнички авион кој превезувал украински воздухопловни стручњаци се урнал во Иран. Падот не го преживеал никој од 46 патници и членови на екипажот.
2014.- На 103-годишна возраст починала Кристиан Лекок. Заедно со нејзиниот сопруг Алберт, работеле на промоцијата на на туристичките вредности, создавајќи ја во 1950 година Француската натуристичка (нудистичка) федерација, а во 1953 година и Меѓународната натурстичка федерација. Во Меѓународната федерација за натуризам има 16 милиони членови од 38 земји.
2016.- На 88-годишна возраст почина Мето Јовановски, македонски раскажувач и романсиер и прв претседател на Хелсиншкиот комитет за човекови права. Автор е на збирки песни, романи, песни за деца. Негови дела, особено расказите, се објавувани на повеќе светски јазици. Во кариерата долга 6 децении, Јовановски објавил 30-на книжевни дела – збирки песни, раскази, романи, песни за деца, кои, особено расказите, се објавувани на повеќе светски јазици. Негови најпознати дела се романите „Писмо до саканата“, „Балканска книга на умрените или Ослободување преку зборување“, „Хајка на пеперутки“, „Слана во цутот на бадемите“, „Земја и тегоба“, збирките раскази „Јадреш“, „Мени на мојата месечина“, „Крстопат кон спокојот“, „Љубовта на Грифонот“, книгите за деца „Љуман Арамијата“ и „Војвода над војводите.
2016.- На 68-годишна возраст почина Рик Парфит, гитарист на легендарната британска рок група Status Quo. Во октомври годинава гитаристот објави дека повеќе нема да настапува со групата, поради срцевиот удар кој го преживеа летово. Парфит во Status Quo влегол во 1967 година. Со паузи, поради напуштање на составот и повторното враќање, настапуваше со бендот до есента 2016 година. Деби албумот на Status Quo е објавен во 1968 година. Во 1970-те години групата се стекна со голема популарност и во Британија и во светот. Најголемата популарност на Status Quo им ја донесоа сингл хитовите „In The Army Now“, „Rockin’ All Over the World“ и „Down Down“. Снимиле 30 студиски албуми, а тиражот на нивните „платинести“ албуми надминува 110 милиони копии. Според бројот на албумите кои се искачиле на светските топ листи, Status Quo се втори, веднаш за Rolling Stones на Мик Џегер и Кит Ричардс.
2017.– По долго и тешко боледување на 82-годишна возраст почина Милка Такева-Григоријевиќ. Во Делчево завршила основно училиште, учителска школа во Штип, а дипломирала политички науки на Универзитетот во Белград. Била една од првите жени политиколози во поранешна Југославија. Такева-Григоријевиќ била член на Градското собрание на Град Скопје, како и на општинските собранија на Центар и Гази Баба. Исто така, била и пратеник на Републичкиот собор на Собранието на РМ, каде што ги водела Одборот за здравство и социјална политика и Одборот за труд. Од 1981 до своето пензионирање во 1992 година е делегат на Сојузниот собор на Собранието на Југославија, а од 1986-1988 година била и претседател на Сојузниот собор на Собранието на Југославија, при што во два мандата била координатор на делегатите од РМ, потпретседател на Одборот за здравство и социјална политика и член на Уставната комисија. Активно била вклучена и во сферата на женските права, како претседател на Конференцијата за општествена активност на жените на Македонија, член на Претседателството на Сојузната конференција за општествена активност на жените на Југославија, како и потпретседател на Националниот совет на жените на Македонија (СОЖМ). За својата активност има добиено бројни признанија и одликувања, меѓу кои: Орден на Републиката со сребрен венец, Орден заслуги за народ, Орден за труд со златен венец, како и Плакета за безбедност и Плакета за цивилна заштита на Владата на Југославија. Такева-Григоријевиќ е родена во 1935 година во Делчево.