Жени се само оние родени како биолошки жени, пресуди Врховниот суд во Велика Британија во случајот поднесен од шкотското здружение „За жените Шкотска“.

Со пресудата ефективно се изрекува дека поимите жена и пол во Законот за еднаквост од 2010 година се однесуваат исклучиво на биолошки пол, а не на законски признат пол врз основа на полов идентитет, јавува Би-Би-Си.

Одлуката, образложена на 88 страници, била донесена едногласно, но судот побара таа да не се толкува триумфално од која било страна и потсети дека дека законите сè уште ги штитат трансродовите лица од дискриминација. Пресудата, сепак, беше пречекана со овации и прослава.

Процесот против шкотската регионална влада го отвори групата За жените на Шкотска, која побара толкување дали со дефиницијата за жени во Законот за еднаквост од 2010 година се опфатени и „трансродовите лица со сертификати за женски пол“.

Групата, делумно финансирана и од писателката Џ.К. Роулинг, бара лицата што самите се идентификуваат како жени, иако не се, да немаат пристап до услуги и простори резервирани за жени. Шкотската влада, поддржана од групите за права на трансродови лица, тврдеше дека сертификатот е доволен доказ.

Објавувајќи ја пресудата, првиот човек на Врхвниот суд, лордот Хоџ рече судот е едногласен дека термините „жена“ и „пол“ во Законот за еднаквост од 2010 година се однесуваат на биолошкиот пол, а не на стекнатиот род.

Ова има последици во примената на законот особено во контекст на посебни простории и услуги наменети исклучиво за жени, како што се безбедни куќи, женски затвори и спортски натпревари.

„Концептот на полот е бинарен, личноста е или машко или женско. Иако зборот биолошки не е експлицитно споменат, значењето и јазикот на Законот јасно укажуваат на биолошките карактеристики што го дефинираат полот“, образложија судиите лорд Хоџ, леди Роуз и леди Симлер во пресуда долга 88 страници.