Претседателката Гордана Сиљановска Давкова и премиерот Христијан Мицкоси синоќа во црквата Св. Богородица Перивлепта во Охрид го дочекаа Христовото воскресение – Велигден.

Сиљановска Давкова на својот Фејсбук објави дека Христовото воскресение го дочекала во возвишената атмосфера на црквата Св. Богородица Перивлепта, под светлината на свеќите и со молитви во срцата, со смирение и духовна радост.

-Како стожер на верата, Христовото воскресение, кај секој христијанин веќе два милениума е симбол на животот и ги крепи нашата верба и надеж, инспирирајќи нè да ја негуваме духовностa и да даруваме љубов секому и секаде. Фактот што токму годинава сите христијани го прославуваат Велигден на ист датум нека биде поттик за сплотеност како кај нас, така и во целиот свет. Верувам дека вдахновени од големиот празник ќе најдеме енергија и сила да се соочиме со сите предизвици и искушенија, покажувајќи солидарност и заедништво. Христос воскресна! Навистина воскресна!, порача претседателката Сиљановска Давкова.

И премиерот Мицкоски на својот Фејсбук упати честитка по повод Велигден, посакувајќи светлината од Воскресението на Христос донесе мир, љубов и надеж кај сите.

-Нека светлината од Воскресението на Христос донесе мир, љубов и надеж кај сите! Да ја славиме оваа победа на животот над смртта со вера, радост и благодарност. Христос воскресна! Навистина воскресна!, напиша Мицкоски.

Фото: Фејсбук на Сиљановска Давкова/ Христијан Мицкоси