Израел го повика Катар, клучен посредник меѓу Израел и палестинската група Хамас, „да престане да игра двојна игра со својата двојна реторика и да одлучи дали е на страната на цивилизацијата или на страната на Хамас“, соопшти канцеларијата на израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху.

Катар ги отфрли изјавите како „провокативни“.

И покрај напорите на египетските и катарските посредници за враќање на примирјето, ниту Израел ниту Хамас не покажаа никаква подготвеност да се откажат од своите главни барања, при што страните се обвинуваат меѓусебно за неуспехот на преговорите за договор.

Израел, кој сака да ги врати дома 59-те заложници што сè уште се држат во Газа, бара Хамас да се разоружа и да биде исклучен од секое идно владеење на енклавата – услов што Хамас го отфрли.

Групата бара договор за траен прекин на непријателствата и повлекување на израелските сили како услов за договор што би довел до ослободување на заложниците.

„Државата Катар цврсто ги отфрла провокативните изјави од Кабинетот на израелскиот премиер, кои се далеку од основните норми на политичка и морална одговорност“, објави денеска портпаролот на Министерството за надворешни работи на Катар, Маџид Ал Ансари, на мрежата Икс.

Тој го критикуваше прикажувањето на конфликтот во Газа како одбрана на цивилизацијата, споредувајќи го со историските режими кои користеле „лажни наративи за да ги оправдаат злосторствата против цивилите“.