Пратеникот Салим Сулејмани ја извести јавноста дека поднесува оставка од сите партиски функции во Алијансата за Албанците, како и од функцијата пратеник во Собранието на Република Македонија.

По оставката на пратеникот од Алијанса за Албанците, Салим Сулејмани, коалицијата Вреди добива плус еден пратеник. Според списокот што го имаше Вреди на парламентарните избори, во петтата изборна единица по Салим Сулејмани доаѓа педијатарот Валбона Адили-Емини, која е кадар на Движењето Беса во Вреди. Откако Адили Емини ќе стане пратеник, официјално би биле 10 пратеници во парламентарното мнозинство, по заминувањето на Арбен Таравари.

„Со полна морална, професионална и политичка одговорност, ве информирам дека поднесувам оставка од сите партиски функции во рамки на Алијансата за Албанците, како и од позицијата пратеник во Собранието на Република Македонија“, наведува Сулејмани.

Тој објаснува дека неговиот политички ангажман произлегол од чувство на одговорност и желба за вистинска промена, а не од лична амбиција, нагласувајќи дека учеството во коалицијата ВЛЕН било мотивирано од потребата за соочување со, како што наведува, неуспесите на ДУИ и нивната злоупотреба на власта.

„ДУИ, партија која две децении е дел од власта, наместо да биде достоен претставник на Албанците, се претвори во структура поврзана со лични и клановски интереси. Коалицијата ВЛЕН ја гледав како антипод на таа коруптивна матрица“, вели Сулејмани.

Сепак, според него, во последниот период дошло до сериозно отстапување од првичните принципи, особено по приближувањето на АШ до ДУИ во пресрет на локалните избори.

„Ова политичко сојузништво е прекршување на нашите ветувања и недостојно претставување на Албанците. Не можам да бидам дел од алијанса што прави компромиси со луѓе кои се спомнати на меѓународни црни листи поради сериозни афери“, нагласува тој.

Сулејмани истакнува дека неговата кауза не завршува тука, туку ќе продолжи уште посилно, но во други форми на ангажман, со цел, како што наведува, да служи на граѓаните уште поефикасно.

„Ветувам дека многу скоро ќе ги почувствувате резултатите и ќе ги видите трагите од мојот ангажман во иднина. Барам само трпение и разбирање, додека вистината не излезе целосно на површина“, стои на крајот од објавата на Салим Сулејмани.