Директорот на Бирото за јавна безбедност при МВР, Александар Јанев денеска положи свежо цвеќе и се поклони пред храбрите синови на Македонија кои го загубија животот во конфликтот од 2001 година, родум од Крива Паланка.
-Положив свежо цвеќе во нивна чест, а потоа со голема чест го отворив меморијалниот фудбалски турнир – симбол на животот, заедништвото и вечниот спомен. Овој турнир, кој традиционално се одржува во нивна чест, не е само спортски настан, туку и потврда за нашето заедништво и почит кон нивната жртва, истакна Јанев.
Посетата на Крива Паланка беше повеќе од службена обврска. Тоа беше лично, човечко враќање кон храбрите души кои ја жртвуваа својата иднина за Македонија. Со должна почит, ги пренесуваме нивните имиња на идните генерации, го браниме споменот за нив како што тие ја бранеа нашата иднина, истакна Јанев.
Тој им се заблагодари на семејствата, сограѓаните и сите учесници кои денеска ја одбележаа оваа важна патриотска должност.
Нека е вечна славата на нашите херои. Нека живее нивниот спомен. Нека живее Македонија! Почитта е силата која нѐ обединува, а сеќавањето е темелот на нашето единство, потенцира директорот на Бирото за јавна безбедност при МВР, Александар Јанев.