Она што можеби не е познато за јавноста, е дека Велика Британија слични договори нема со никој во цела Југоисточна и Источна Европа, посочи вечерва вицепремиерот и министер за транспорт во Владата, Александар Николоски при телевизиско гостување.

– Македонија е прва држава со која што Велика Британија ќе потпише договор за стратешка соработка и мислам дека тоа е една јасна политичка порака. Позицијата на Македонија како раскрсница на два паневропски коридори, коридорот 10 и коридорот 8, кои што се пресекуваат токму во Македонија е геостратешката положба која што ние треба да сме паметни и да ја искористиме и мислам дека на најдобар начин ја правиме со овој договор – укажа Николоски.

Тој појасни дека со Велика Британија се постигнати два договори, едниот договор е за стратешко партнерство помеѓу Велика Британија и Македонија, а вториот како што рече е договор кој што е уникатен.

– Првиот е Договорот за стратешко партнерство кој што ги одредува политичките контури на соработката и во него има глобална соработка, соработка во делот на одбраната и безбедноста, соработка во делот на миграциите, во делот на реформите во правосудството, борба со организиран криминал и корупција, економска соработка и развој, млади, култура, образование, добро владеење и правосудство. Тоа е оваа политичка соработка и тоа е едниот договор.

Вториот договор кој што е уникатен и кој што ќе е најголем договор, кој што Велика Британија во финансиска смисла го постигнала со било која земја од Европа, е договорот Влада со Влада, помеѓу Велика Британија и Македонија, кој што точно ги утврдува секторите на соработка и јасно вели во членот 1, дека ќе се воспостави партнерство за поддршка, да се испорачаат инфраструктурни проекти, проекти во здравството, проекти во транспортот, технологијата, енергијата и останатите критични сектори. Понатаму во членот 3 од истиот договор, се вели дека Владата на Обединетото Кралство, преку својот механизам, кој што се вика надворешно финансирање, става на располагање лимит од 5 милијарди фунти за Македонија, што во превод значи некаде околу 6 милијарди евра – информираше вицепремиерот Николоски.

Според Николоски тоа е рамката која што ние можеме да ја користиме со ова партнерство.

– Но, она што е исто така за мене многу значајно, вели дека ќе се разменуваат и знаење и најдобри практики, кои што ќе ги носат кај нас, научници од Велика Британија, бизнисмени, луѓе од јавната администрација, луѓе од здравството, од образованието – додаде Николоски.

Она што е важно е дека со овие договори Македонија ќе се трансформира.

– Значи овие два договори треба целосно Македонија да ја трансформираат и да ја однесат на едно друго ниво. Ова не е договор само како што денес беше прокоментирано, за позајмување или за кредит, ова е договор кој што Македонија треба целосно да ја трансформира како општество, треба целосно да ја трансформира како држава, со цел не само да се зголеми животниот стандард, туку и целокупно условите за живот се подобрат. Не случајно за старт ги одбравме двата најбитни сектори, едниот е транспорт и вториот е здравство, за кој што веќе имаме договори – потенцираше  Николоски.

Тој се осврна и на рамката на договорите.

– Во однос на рамката која што ја имаме, тоа е рамка која што е на неограничен временски период. Значи никој не вели до тогаш мора да ги искористите овие средства, и е рамка која што не значи дека сите средства ќе бидат искористени, туку соодветно на потребите кои што Македонија ги има. Во моментов имаме спремни проекти за некаде околу две милијарди фунти, што би било некаде околу 2,2-2,3 милијарди евра, и тоа се првите проекти со кои ќе стартуваме во периодот кој што е пред нас – вели вицепремиерот Николоски.

Воедно тој укажа дека договор не е постигнат преку ноќ, туку напротив со долгогодишни преговори.

– Апсолутно ова беше процес кој траеше повеќе месеци, би рекол и години, еве ќе кажам прв пат во јавност, ние уште кога бевме опозиција, иницијални контакти почнавме на оваа тема, така што воопшто работата не е случајна и воопшто работата не е нешто што се случило преку ноќ.

Сметам дека вчерашниот ден ќе остане запаметен како историски и дека ќе се бележи во историјата на Македонија, како ден во кој што сме постигнале стратешко партнерство со втората светска сила. Затоа што Велика Британија е единствената кралска империја која што преживеа во светот, е нуклеарна суперсила, е земја членка во Советот за безбедност на ОН, земја победничка во Втората светска војна, земја со најголемо културолошко влијание во светот, затоа што англискиот јазик е стандард за секој човек кој што сака нешто плус да направи од себе, а културата, британската култура, англиската култура, е таа што доминира, дали е тоа во Велика Британија, дали е во Комонвелтот, дали е во Австралија, Канада, во САД, тоа е културата која што во моментов доминира не само меѓу западната цивилизација, туку и целиот свет – рече Николоски.

Николоски укажа дека во тие услови, „држава од некаде 1,8 милиони жители, без излез на море, каква што е Македонија, која што ние многу ја сакаме и за која што се бориме, да успее, да воопшто дојде на мапата на премиерот на Велика Британија и да двете влади се согласат за Договор за стратешко партнерство, мислам дека многу зборува, затоа што Договорот за стратешко партнерство значи дека нашите односи се на највисоко можно ниво, што ќе значи многу за Македонија и во делот на политика и во делот на економија“.

Според Вицепремиерот Николоски освен економскиот многу важен е и политичкиот дел.

– Сојузник како Велика Британија, Македонија за жал во минатото немала, а големите битки на светската сцена се добиваат со големи сојузници. Ние не можеме да се натпреваруваме и со соседите и пошироко, без големи сојузници. Ние не можеме да се бориме за човековите права на Македонците, без големи сојузници. Ние не можеме да очекуваме нашиот глас биде слушнат без големи сојузници, а мислам дека после стратешкиот договор кој што го имаме со САД, овој е втор од таков тип и многу кажува за позиционирањето на Македонија – констатира Николоски.