Еден ден откако осумгодишно момче од Гватемала почина во американски притвор за мигрантите, Агенцијата за царина и погранична заштита соопшти дека повторно ќе спроведе систематски преглед на сите деца во центарот.
Агенцијата соопшти дека ќе се фокусира на деца под 10-годишна возраст.
Едно осумгодишно момче од Гватемала почина во притворен центар, што е вторпат овој месец да почине дете од притворените мигранти, откако неодамна почина девојче од истата земја.
Момчето покажало знаци на потенцијална болест во понеделникот изутрина и бил пренесен во Аламогордо, Ново Мексико, каде што му биле дијагностицирани настинка и треска. На детето му било препорачано да зема амоксицилин и бруфен, меѓутоа вечерта бил вратен во болница со мачнини и повраќање, каде по неколку часа починал. Причината за смртта се уште не е утврдена, а за случајот се информирани генералниот инспекторат на Министерството за внатрешни работи и Владата на Гватемала.