Украинскиот претседател Володимир Зеленски објави дека третата фаза од размената на затвореници „1000 за 1000“ ќе се одржи утре, 25 мај.

„Утре е третата фаза. Треба да ослободиме илјада наши луѓе овие денови. Но, задачата е да се ослободат апсолутно сите што се моментално притворени во Русија, а оваа задача е заедничка за нашите разузнавачки служби, за нашите дипломати, за целата наша држава“, нагласи Зеленски во вечерното видео обраќање, пренесува Укринформ.

Зеленски нагласи дека оваа задача не е лесна, но дека мора да се изврши. Тој им се заблагодари на сите во светот кои ѝ помагаат на Украина.

„И ова е навистина многу важно за нас, нашите партнери, секој лидер, секоја земја, да нè поддржат во оваа тешка работа“, нагласи тој.

Како што објави украинската агенција, 390 затвореници се вратиле во Украина како дел од размената „1.000 за 1.000“.

Претседателот на Украина претходно објави дека денес од руско заробеништво се вратиле уште 307 украински војници.

Русија во петокот врати 270 војници од украинско заробеништво, како и 120 цивили, вклучувајќи цивили од Курската област кои беа заробени од украинските вооружени сили. 270 украински воени заробеници и 120 цивили беа префрлени во земјата, соопшти денес руското Министерство за одбрана, пренесува Танјуг.

Украина и Русија се согласија во Турција да разменат 1.000 затвореници во првите директни мировни преговори од почетокот на војната во 2022 година.