Претседателот на Украина, Володимр Зеленски денеска изјави дека Русија синоќа нападнала повеќе од 30 градови и села со 300 дронови и 70 различни проектили, вклучително и балистички ракети.

Цел на руските напади беа Киев и околината, како и регионите Житомир, Хмелницки, Тернопил, Чернихив, Суми, Одеса, Полтава, Дњепар, Миколаев, Харков и Черкаси. Во Киев погоден е и студентски дом. Цел на нападите биле и индустриски погони.

– Секој таков терористички напад од страна на Русија е доволна причина за нови санкции против неа… Ова не може да се игнорира. Молкот на Америка и молкот на другите во светот го охрабруваат Путин… Војната може да се запре, но само со неопходен притисок врз Русија. Путин мора да се натера да размислува не за лансирање ракети, туку за завршување на војната, објави Зеленски на Икс.

Во меѓувреме, украинскиот министер за внатрешни работи Ихор Клименко потврди дека во синоќешниот голем руски напад со дронови и проектили загинаа 12 луѓе, а 60 се повредени.

Според податоци на регионалните власти и спасувачките служби бројот на загинати е 13.

– Станува збор за комбиниран, немилосрден напад насочен кон цивилите. Непријателот уште еднаш покажа дека целта му е страв и смрт, објави Клименко на Телеграм.

И шефот на украинската дипломатија Андриј Сибиха побара меѓународната заедница да го зголеми притисокот врз Русија, за Москва да се согласи на моментален и безусловен прекин на огнот.

– Кога целиот свет повикува на запирање на убиствата, Путин наредува уште повеќе напади и убивање деца. Ова уште еднаш нагласува колку е итно потребен целосен, безусловно и траен прекин на огнот за секој сериозен мировен процес. Светот мора да изврши притисок врз Русија да го прифати ова и веднаш да го запре убивањето, наведе Сибиха на Икс.

Новите руски напади се извршени неколку часа пред завршната фаза за размена на заробеници. Последната фаза од размената е планирана за денеска, при што треба да бидат разменети вкупно илјада заробеници. Вчера 307 руски воени заробеници беа разменети за ист број украински војници.

фото: ЕПА