Вицепремиерот задолжен за европски прашања Бујар Османи денеска оствари средба со претставникот на УНИЦЕФ во Македонија, Бенџамин Перкс, на која меѓу другото било разговарано и за потребата да се отвори посуштинска дебата за родителскиот додаток за трето дете.
Османи, како што информираат од неговиот кабинет, на средбата изразил огромна благодарност за континуираните активности што ги спроведува УНИЦЕФ во Република Македонија со цел поддршка и заштита на правата на децата.
– Сѐ уште имаме предизвици на кои мора да работиме за да го постигнеме европскиот просек за квалитетот на детската заштита, а за што, неопходна е и поддршката, експертизата и посветеноста на УНИЦЕФ, посочил Османи, изразувајќи искрена благодарност и за огромната поддршка и улогата на УНИЦЕФ во изминатиот период, особено за време на мигрантската криза, преку обезбедување на помош на децата-бегалци и мигранти што минуваат низ нашата земја.
На средбата Османи го реафирмирал ставот дека на Македонија ѝ е потребна политика за поддршка на семејствата кои го прифаќаат предизвикот да имаат трето дете.
– Македонија е сѐ уште земја во развој, на која ѝ претстои значаен период за да го достигне европскиот стандард, што, пак, ги обесхрабрува семејствата да оформат поголеми заедници, како последица на нивната загриженост за условите кои ќе можат да им ги обезбедат. Токму затоа државата треба да обезбеди соодветна поддршката за повеќедетните семејства, изјавил Османи, посочувајќи на потребата да се отвори посуштинска дебата за родителскиот додаток за трето дете.
Османи, се наведува во соопштението, ја потврди заложбата на земјава за членство во Европската Унија, токму на основа на прифаќањето и имплементацијата на европските вредности, како што е заштитата унапредувањето на правата на децата и изрази надеж дека УНИЦЕФ ќе продолжи со поддршка на реформите неопходни за евроатлантската интеграција на Република Македонија, а кои се однесуваат на оваа област.