Министерот за надворешни работи Тимчо Муцунски денеска истакна оти тој не може да каже дали ќе има средба со претставници на Бугарија на Самитот на НАТО во Хаг, дека за тоа треба одговор да се бара од Софија, но сака да има повеќе средби и редовна комуникација со нашиот сосед. Муцунски во исто време додаде дека тоа не значи отворање на каков било простор за отстапка во однос на тоа што е наша уврдена државна позиција.
Муцунски денеска на заедничката прес-конференција со министерот за надворешни работи и надворешна трговија на Унгарија, Петер Сијарто, одговарајќи на новинарско прашање во однос на тоа дали ќе има средба со бугарската страна во Хаг, посочи дека смета оти е нормално сите соседи да комуницираат не само по однос на политички прашања, туку и за сѐ она што е од взаемен интерес.
„Не можам јас тоа да го одговорам, тоа ќе треба како прашање да го поставите во Софија. Јас ќе можам да ви одговорам што ние правиме и што ние очекуваме. Ние сакаме средба и средби и комуникација бидејќи сметаме дека е нормално сите соседи да комуницираат не само по однос на политички прашања, туку по однос на низа прашања, кои што нас не засегаат во билатералните односи. И ние секогаш ќе наоѓаме начин за комуникација врз основа на принципи, вредности, политики насочени за добробит на нашата држава со сите наши соседи, вклучително и со Бугарија. Но истовремено нема да отстапиме од поставени принципиелни позиции“, рече Муцунски.
Тој додаде дека тоа е она што му го пренел во телефонскиот разговор и на неговиот бугарски колега Георг Георгиев.
Министерот додаде дека истовремено тоа не значи отворање на каков било простор за отстапка во однос на тоа што е наша уврдена државна позиција и ја повтори позицијата, која, како што, кажа постојано ја изнесува во јавноста.
„Сметаме дека нашиот пат кон ЕУ треба да стане предвидлив, 20 години, нѐ иритира создавањето на наратив на жртва, но факт е дека повеќе од 20 години сме жртва на постојаната билатерализација на нашиот европски пат“, рече Муцунски и додаде дека за тоа се свесни сите во Европа, но свесни се и за спорот со Бугарија, за кој, како што кажа, треба да се најде начин за надминување.
„Треба да најдеме начин да се надмине таа пречка, за тоа нема дилема, ниту во Владата, ниту кај претседателката на државата, ниту кај кој било од нас, верувам, ниту кај кој било од вас. Не смееме да дозволиме на патот до членството да бидеме понижени, погазени“, потенцира министерот Муцунски.