Американскиот претседател Доналд Трамп денес на самитот на Г7 во Канада изјави дека Русија, а можеби и Кина, треба да бидат дел од организацијата, која потоа би станала Г8 или Г9.
Во разговор со новинарите, Трамп рече дека е „многу голема грешка“ да се исклучи Русија од групата во 2014 година откако го анектираше Крим, потег за кој американскиот претседател рече дека го забрзал пошироката руска инвазија на Украина во 2022 година, објавува АП.
„Мислам дека сега ќе немавте војна ако Русија беше внатре, а немаше да имате војна ако Трамп беше претседател пред четири години. Ја исфрлија Русија, што јас го сметав за многу голема грешка, иако во тоа време не бев во политиката“, рече Трамп.
Тој додаде дека рускиот претседател Владимир Путин „веќе не е на преговарачката маса, што го прави животот покомплициран“.
На прашањето на новинарите дали Кина треба да биде вклучена во Г7, Трамп рече дека тоа „не е лоша идеја“.
„Немам ништо против тоа, ако некој сака да ја види само Кина“, рече Трамп.
Тој нагласи дека е важно светските лидери да можат да разговараат едни со други на самитите.
„Путин разговара со мене. Тој не разговара со никого друг. Не сака да разговара затоа што беше многу навреден кога беше исфрлен од Г8, како што би бил јас, како што би бил ти, како што би бил секој“, рече Трамп.
Самитот на лидерите на Г7 започна на 15 јуни во планинското одморалиште Кананаскис, околу 90 километри западно од главниот град на канадската покраина Алберта, Калгари, и ќе трае до утре.