Министерот за социјална политика, демографија и млади, Фатмир Лимани денеска оствари протоколарна средба со амбасадорот на Италија во Македонија, Паоло Палминтери.

На почетокот на средбата министерот Лимани се осврна на приоритетните области на кои работи Министерството со фокус на јакнење на социјалните услуги, инклузија на ранливи групи, зајакнување на младинските политики и управување со демографските предизвици.

На средбата стана збор и за можностите за продлабочување на билатералната соработка, меѓу другото и за забрзување на постапката на ратификување на договорот за социјално осигурување меѓу двете земји, што претставува придобивка за граѓаните на двете држави.

Во отсуство на нов договор, процесите за остварување на права од пензиско и социјално осигурување се значително отежнати. Тоа ќе овозможи ефикасна координација на осигурителните системи и побрзо остварување на правата на граѓаните.

Соговорниците разговараа и за досегашната соработка на проекти во земјава со учество на невладини организации од Италија, каде во фокусот е подобрување на домувањето на Ромите како ранлива категорија, а со тоа и обезбедување пристојни услови за живот на истите, како и подобрување на пристапот до социјални, образовни и здравствени установи и социо-економската вклученост на ромската заедница во локалните заедници.

Двете страни искажаа задоволство од денешната средба и изразија подготвеност за зајакнување на соработката во областите кои се во надлежност на Министерството.