Кога во саботата започнала операцијата „Полноќен чекан“, група бомбардери B-2 полетале од својата база во американската сојузна држава Мисури и биле забележани како се движат кон пацифичкиот остров Гуам – што експертите го толкувале како можно подготвување за американска одлука да го нападне Иран.

Но, тие биле мамец. Вистинската група од 7 стелт-бомбардери B-2, со крила слични на лилјаци, незабележано летале кон исток цели 18 часа, одржувајќи минимална комуникација и дополнувајќи гориво во воздух, откри денеска американската војска, објави Ројтерс.

Како што бомбардерите се приближувале до иранскиот воздушен простор, американска подморница истрелала повеќе од 20 крстосувачки ракети Томахавк врз копнени цели. Американски ловци летале пред бомбардерите како мамци, со цел да ги следат сите ирански борбени авиони и ракети.

Најголемиот удар на стелт-бомбардерите B-2 во историјата

Нападот врз трите главни ирански нуклеарни постројки бил најголемиот оперативен удар некогаш изведен од стелт-бомбардери B-2, и втората најдолга операција на овие авиони досега – надмината само од мисиите што следеле по нападите на Ал Каеда врз САД на 11 септември 2001 година.

Бомбардерите B-2 исфрлиле 14 бомби GBU-57, од кои секоја тежела 13.680 килограми. Во операцијата учествувале над 125 американски воени авиони, според податоците на Пентагон.

GBU-57, позната и како „Масивен пробивач на бункери“ (Massive Ordnance Penetrator – MOP), е бомба на американското воено воздухопловство, наменета за продирање во утврдени објекти.

– Од перспектива на американската војска, операцијата била огромен тактички успех. Иранците не успеале да испукаат ниту еден проектил кон американските авиони и биле целосно затечени. Иранските ловци не полетаа, и изгледа дека нашите авиони не беа детектирани од иранските ракетни системи земја–воздух за време на целата мисија. Го задржавме елементот на изненадување изјави генерал Дeн Кејн – началник на Здружениот генералштаб на Пентгон.

Кејн изјави дека првичните процени на штетата покажуваат дека сите 3 цели претрпеле исклучително тешка штета и разурнување, но одби да шпекулира дали некои од иранските нуклеарни капацитети можеби останале недопрени.

„Го уништивме иранскиот нуклеарен програм“

Американскиот секретар за одбрана, Пит Хегсет, беше посигурен во проценката.

– Јасно е дека го уништивме иранскиот нуклеарен програм – изјави тој, стоејќи до Кејн во салата за брифинзи во Пентагон.

Операцијата „Полноќен чекан“ била строго доверлива, рече Кејн, „со многу малку луѓе во Вашингтон кои го знаеле точниот тајминг или природата на планот“.

Многу високи американски функционери дознале за операцијата дури во сабота навечер, од првата објава на претседателот Доналд Трамп на социјалните мрежи.

Хегсет рече дека биле потребни месеци подготовки за да се осигури дека американската војска ќе биде подготвена ако Трамп нареди напад. Кејн додаде дека самата мисија, сепак, била реализирана во рок од неколку недели.

Што ќе се случува понатаму, останува нејасно

Заливските држави, каде што се наоѓаат бројни американски воени бази, денеска беа во состојба на висока подготвеност додека ги проценуваа ризиците од ескалација и од ширење на конфликтот во регионот.

За да се заштити од можен одмазднички напад, американската војска распореди дополнителни сили на Блискиот Исток и ја засили заштитата на своите трупи.

Хегсет изјави дека американската војска е позиционирана и за одбрана на Блискиот Исток, но и за силен одговор ако Иран продолжи со долгогодишните закани за одмазда.

Администрацијата на Трамп соопшти дека не се стреми кон поширока војна со Иран, а Хегсет рече дека до Техеран биле испратени приватни пораки со повик на преговори.

Но, Трамп, исто така, го предупреди Иран дека САД се подготвени да погодат и дополнителни цели, ако биде потребно, и тоа со уште поголема сила.

– Би било паметно Иран да ги слушне тие зборови. Тој веќе го кажа тоа и сериозно го мисли – рече Хегсет.