Собранието на Република Македонија во рамки на 77-та седница попладнево донесе повеќе закони по скратена постапка меѓу кои и измените и дополнувањата на Кривичниот законик, пред чие гласање опозицијата ја напушти седницата.
Измените на Кривичниот законик, поднесени од пратениците Артан Груби, Снежана Калеска-Ванчева, Соња Мираковска, Лидија Тасевска и Весел Мемеди беа донесени без расправа со 64 гласа „за“ и еден „воздржан“.
Шеснаесет граѓански организации, пак, споени во иницијативата „Не во мое име“ претходно денеска до претседателот на Собранието Талат Џафери и до пратениците кои се предлагачи на измените на Кривичниот законик поднесоа барање да се повлечат од дневниот ред на седницата, бидејќи, како што рекоа, ја оневозможуваат правдата.
-Бараме итно повлекување на точката од денешната седница во 15 часот, точката со која што треба да се направи промена на Кривичниот законик со што некои од членовите во Законот ќе овозможат дел од обвинетите или најголем дел од обвинетите во случаите на СЈО да имаат намалени казни или нивните казни, односно обвиненија да застарат, порачаа тие во изјава за медиумите во собранискиот прес-центар.
Очигледно, додадоа, ни се повторува она што го имавме и со претходната власт.
-Граѓанските организации се многу огорчени од овој чин на политички преговори, манипулации во заден час пред истекот на старата година да се прават вакви измени. Сметаме дека е неприфатливо Кривичниот законик да се менува по скратена постапка и сметаме дека е неприфатливо да се прават какви било промени на овој и на други закони со кои ќе се оневозможи правдата и со кои принципот на неказнивост и амнестирање заради криминал и корупција ќе продолжи и понатаму, порачаа од иницијативата „Не во мое име“.
Со 56 гласа „за“ и 15 „против“ беше донесен Законот за изменување и дополнување на Законот за данок на добивка со кој се регулираат донациите во спортот и се воведува нов начин на донирање со ваучери.
Едногласно со 62 гласа „за“ беше донесе и Законот за изменување и доплнување на Законот за преземање на акционерските друштва.
Како што исткана министерот за финасии Драган Тевдовски законските измени се носат на барање на Комисијата за хартии од вредност со цел да се зголеми тргувањето со хартии од вредност.
-Со измената се дава можност лицата да може да се стекнат со повеќе од 25 проценти од хартиите од вредност со право на глас, издадени од одредено акционерско друштво, а потоа да дадат понуда за преземање. Се врши и допрецизирање на одредбите за заедничко дејствување за да може Комисијата за хартии од вредност да ги детектира сите форми на заедничко дејствување на меѓусебно поврзани лица. Покрај тоа, се отклонуваат бариерите кои би ги спречиле странските инвеститори да влегуваат во нашата земја, рече Тевдовски.
Собранието едногласно со по 65 гласа „за“ ги донесе и изменување и дополнување на законите за платите на судиите и за судска служба со кои се овозможува вработените да добијат додатоци на плати и се задолжуваат претседателите на судовите да издадат решенија за додатоци на плати за секој поминат месец најдоцна до 15-ти во наредниот месец.