Ние сме во постојана комуникација со дел од родителите и семејствата на трагично загинатите и како Влада ќе сториме се што е во наша моќ да го олесниме животот на тие семејства, порача денеска премиерот Христијан Мицкоски, кој одговараше на новинарско прашање за последното барање на родителите на загинатите во пожарот во дискотеката „Пулс“ во Кочани, а во кое се бара институционална и финансиска поддршка.

Тој додаде дека како Влада се во постојана комуникација и со дел од повредените и семејствата на дел од повредените.

– Се што треба како Влада ќе сториме за да го олесниме нивниот живот и нивното опоравување, рече Мицкоски.

Прашан дали има нешто конкретно околу барањето на родителите на загинатите, кое го доставија минатата недела до него, како и до претседателот на Собранието, Африм Гаши и до претседателката на државата, Гордана Сиљановска Давковка, премиерот Мицкоски одговори дека таквото барање се уште не е пристигнато до него.

– Јас не сум добил такво барање, разговараме, има повеќе барања, тековно ги решаваме тие барања и ве молам да го задржиме достоинството затоа што се изгубени човечки животи и тоа да се конвертира во пари не би сакал да одговарам на такви прашања, изјави Мицкоски.