Јавноста навикна откако ДУИ е во опозиција секојдневно за нешто да бидат „длабоко загрижени“ и да манипулираат со меѓуетничките односи во Македонија и вработувањата на Албанци во државните институции.
Манипулациите може да се видат и од денешното соопштение на ДУИ во кое „длабоко се загрижени“ оти од 18 нововработени во Македонската филхармонија „ниеден не бил Албанец“, а од Македонска филхармонија соопштија дека за перидот за кој говори ДУИ немало ниту еден оглас и ниту едно вработување. Во продолжение двете соопштенија:
ДУИ: Правичната и соодветна застапеност не е привилегија, туку уставно загарантирано право
Демократската Унија за Интеграција ја изразува својата длабока загриженост за систематската реализација на заедничкиот план на двете македонски партии, посредуван од олигархијата, кој има за цел маргинализација на Албанците од сите политички, општествени и економски процеси во државата.
Последниот случај во Филхармонијата на С. Македонија, каде што во последните шест месеци од 18 нововработени само еден е Албанец, и покрај тоа што институцијата ја води Албанец, е јасен доказ дека овој план се реализира со софистицирани методи на дискриминација, дури и таму каде што симболично се поставуваат Албанци на раководни позиции.
Оваа антиалбанска стратегија се спроведува на повеќе нивоа:
• преку игнорирање на политичкиот легитимитет на Албанците,
• преку непочитување на принципот на Бадентер,
• преку укинување на балансерот,
• и преку целосно прекршување на правичната и соодветна застапеност во државните и јавните институции.
Албанците не се исклучуваат само од институциите што ги водат други, туку сега и од тие што ги раководат самите Албанци! Овој модел е понижувачки, неуставен и опасен за мултиетничкиот карактер на државата.
ДУИ потсетува дека правичната и соодветна застапеност не е привилегија, туку уставно загарантирано право, кое не смее да зависи од волјата на поединци или од шеми на интересни групи. Албанците нема да молчат и нема да се откажат пред овој јасен план за национална маргинализација!
Демократска унија за интеграција
Филхармонија: Во рамки на установата не е спроведен ниту еден оглас за вработување во последните шест месеци
На ден 11.07.2025 година на електронски портали објавен е текст, во кој се вели: „Последниот случај во Филхармонијата на С. Македонија, каде што во последните шест месеци од 18 нововработени само еден е Албанец, и покрај тоа што институцијата ја води Албанец, е јасен доказ дека овој план се реализира со софистицирани методи на дискриминација, дури и таму каде што симболично се поставуваат Албанци на раководни позиции.“
Читајќи ја содржината на наведениот текст, приморани сме да го доставиме овој демант, кој гласи:
„Филхармонија на РСМ ја информира јавноста дека информацијата објавена по порталите е невистинита, од причина што во рамките на установата не е спроведен ниту еден оглас за вработување во последните шест месеци. Имајќи предвид дека не биле спроведени огласи за вработување, во установата не се спроведени 18 нови вработувања, од кои само еден бил Албанец. Сметаме дека ваквата изјава е тенденциозна, со намера да предизвика меѓуетничка нетрпеливост, има политичка цел прибирање на полички поени пред спроведување на локалните избори и директрно да влијае врз угледот на установата и нејзиното раководство.“
Бараме од Вашиот медиум да го објави овој демант согласно законските прописи и Етичкиот кодекс на новинарите.
НУ Филхармонија на РСМ