Педесетгодишен припадник на АРМ со иницијали А. М. од скопското село Батинци е убиен утринава, откако во него било пукано со огнено оружје додека управувал автомобил „киа“ на влезот во селото. Од Армијата потврдија дека починатиот е нивен припадник и информираа дека за време на трагичниот настан тој не бил на служба, односно користел слободен ден.
Според информациите од Министерството за внатрешни работи (МВР), инцидентот бил пријавен во СВР Скопје околу 10:15 часот. Во пријавата стои дека лице со иницијали М. Џ. пукало кон возилото кое било во движење.
„А. М. (50) се здобил со прострелни рани во пределот на градниот кош и бил пренесен во болницата ‘Св. Наум Охридски’ за укажување на лекарска помош, каде во 11:00 часот од страна на доктор била констатирана смрт“, соопштија од МВР.
Од Армијата изразија длабока жалост до семејството на починатиот.
„Лицето со иницијали А. М. од скопското село Батинци, кое, по трагичниот настан денеска, им подлегнал на повредите, беше припадник на Армијата. Изразуваме длабока жалост до семејството на починатиот“, се истакнува во официјалното соопштение.
За време на трагичниот настан лицето не било на служба во Армијата, односно било на користење слободен ден, соопштија надлежните.