Најстариот маратонец во светот, Фауџа Синг, почина на 115-годишна возраст откако беше удрен од автомобил.
Индиската полиција соопшти дека непознато возило го удрил Синг во понеделник додека одел по патот во близина на неговиот роден град Беас, во северозападната индиска држава Пенџаб, објави денес Си-Ен-Ен.
Тој беше однесен во болницата „Сриман“ во округот Џаландхар, каде што подлегна на повредите на главата и ребрата, изјави началникот на полицијата во Џаландхар, Харвиндер Синг Вирк.
„Работиме на идентификација на возилото. Користиме снимки од безбедносните камери од областа за да го лоцираме возилото и испративме екипи да работат на тоа“, рече началникот, додавајќи дека имало сведок на несреќата.
Индискиот премиер Нарендра Моди му оддаде почит на Синг, нарекувајќи го „исклучителен спортист со неверојатна решителност“.
Синг е роден во Индија во 1911 година и се преселил во Лондон по смртта на неговата сопруга и син. Тој има завршено девет маратони, кои почнал да ги трча дури на 90-годишна возраст.
„Трчањето ми покажа љубезност и ме врати во живот со тоа што ме натера да ги заборавам сите мои трауми и таги“, рече Синг во едно претходно интервју.
Синг го постави својот личен рекорд во Торонто во 2003 година, кога ја помина целта за пет часа и 40 минути. Во Торонто во 2011 година, тој стана и првиот човек над 100 години што завршил маратон, а својата последна трка ја истрча во Хонг Конг во 2013 година, една година откако го носеше факелот на Олимписките игри во Лондон.
Гинисовата книга на рекорди не ги прифати неговите достигнувања поради недостаток на извод од матична книга на родени.