Маж, 61-годишен, почина откако бил вовлечен во апарат за магнетна резонанца (МРИ) во медицинскиот центар „Насау опен МРИ“ (Nassau Open MRI) во Њујорк, поради синџирот од тежок метал којшто го носел на себе.
Апаратите за магнетна резонанца користат силни магнети за да ги произведат потребните слики за здравствено-медицински потреби. Човекот, за жал, влегол во МРИ-собата додека апаратот за магнетна резонанца работел во тој миг, соопшти полицијата на Округот Насау. Пациентка во установата, којашто инаку се наоѓа на Лонг Ајленд, за тамошните медиуми изјави дека нејзиниот сопруг е оној што починал. Таа, вели, го повикала во собата откако имала скенирање во средата.
Службениците велат дека по немилиот настан, мажот бил однесен во болница, каде што во четвртокот починал, јави денеска Си-Ен-Ен.
„Машката жртва носела голем метален синџир околу вратот, што предизвикало да биде вовлечен во машината, што резултирало со медицински инцидент“, соопшти Полициската управа на Округот Насау, којашто го истражува несреќниот случај.
Од пациентите обично се бара да ги остават металните предмети и да се пресоблечат, пред да се подложат на МРИ-скенирања или да му се приближат до апаратот.
Иако полицијата официјално сѐ уште не ја именувала жртвата, пациентката по име Адриен Џонс-Мекалистер за ТВ-станицата „Њуз 12 Лонг Ајленд“ (News 12 Long Island) раскажа како починал нејзиниот сопруг, Кит.
– Тој само ми мавна за збогум, а потоа целото тело му се омалакса. Во тој миг, машината го превртела, го повлекла внатре и тој се удри во магнетната резонанца, рече таа низ солзи.
Техничарот се обидел да го одвлече нејзиниот сопруг од машината, но безуспешно. Сопругата потврди дека починатиот на себе носел синџир од 9 кг што го користел за тренинг за тежината.
Според американската Управа за храна и лекови, апаратите за магнетна резонанца имаат магнетни полиња коишто привлекуваат метални предмети од сите големини – клучеви, мобилни телефони, па дури и резервоари за кислород – кои „можат да предизвикаат оштетување на скенерот или повреда на пациентот или медицинските лица“ ако тие предмети се најдат близу магнетот.
Во 2001 година, шестгодишно момче почина од фрактура на черепот во медицински центар во Њујорк, додека било подложуваше на МРИ-преглед, откако моќниот магнет повлекол резервоар за кислород во просторијата.
Фото: МИА архива