Унгарскиот министер за надворешни работи, Петер Сијарто, денеска изјави дека Унгарија нема да го поддржи пристапувањето на Украина во Европската унија без оглед на, како што нагласи, заканите на украинскиот претседател Володимир Зеленски.

На прес-конференцијата, коментирајќи го говорот на Зеленски на состанокот на амбасадорите претходниот ден, Сијарто рече дека украинскиот претседател одржува „непријателски став кон Унгарија, унгарската нација и Унгарците што живеат во Закарпатие“.

„Јасно е дека тој се однесува кон Унгарија и Унгарците како кон непријатели“, рече Сијарто.

Тој додаде дека Украинците „со години ги одземаат и ги газат правата на Закарпатските Унгарци“.

„Овие закони резултираа со палење на црква и претепување на Унгарец до смрт затоа што не сакал да оди во војна…Во овој поглед, заканите на претседателот Зеленски само потврдуваат дека тој нè смета за непријатели“, додаде Сијарто.

Тој истакна дека „без оглед на заканите упатени од претседателот Зеленски, Унгарија нема да го поддржи пристапувањето на Украина во ЕУ“. (МИА)