Русија нема направено значителен пробив на фронтот и се обидува тоа да го прикрие со водење на информативна војна, изјави украинскиот претседател Володимир Зеленски.
-Тие не напредуваат. Многу е тешко за нашите луѓе таму. И тешко е секаде. Но тешко е и за Русите – и тоа е добро за нас. Русите не сакаат да се борат, освен нивните лидери. Тоа се чувствува. Дојдоа нови бранови, има зголемен притисок, повеќе мобилизација, па ризиците се поголеми. Се обидуваат да направат пробив, но не успеваат, изјави Зеленски на брифинг со новинари.
Заленски, исто така, истакна дека украинските сили успеале да ја подобрат ситуацијата во регионот Суми во изминатиот месец, што укажува на активни операции на Вооружените сили на Украина.
Во врска со ситуацијата во градот Покровск, Зеленски рече дека саботерски групи од Русија неколкупати навлегле во градот. Според него, такви упади имало меѓу пет и седум пати, со групи од два до 12 луѓе. „Се обидоа да снимат пропагандно видео – подигнаа знаме, го снимија… и сите беа елиминирани од нашите бранители“, додаде тој.
На 22 јули, информативниот ресурс DeepState објави дека руските војски успеале да се инфилтрираат во Покровск во мали групи, што беше потвредно и од „Украинска Правда“.
фото: архива