Секој 26 јули стоиме заедно, со мисли и срца полни со почит и незаборав кон оние кои ги загубивме во катастрофалниот земјотрес што го погоди нашиот главен град пред точно 62 години, објави на Фејсбук градоначалникот на Кисела Вода, Орце Ѓорѓиевски, кој е и кандидат на ВМРО-ДПМНЕ за градоначалник на Скопје на претстојните локални избори.
Ѓорѓиевски, кој денеска полагаше свежо цвеќе пред Споменикот на загинатите во земјотресот на Градските гробишта Бутел, истакна дека овој споменик не само што го чува споменот за жртвите, туку и нѐ потсетува на силата и издржливоста на нашиот град и на сите негови граѓани.
-По катастрофата, Скопје повторно се изгради, а ние како општество, покажавме дека можеме да се издигнеме од пепелта и да продолжиме напред со обновена енергија и решителност. Денес, додека положуваме цвеќе пред овој споменик, ветуваме дека ќе продолжиме да се сеќаваме на нашите загинати сограѓани. Нивната жртва нема да биде заборавена. Нека овој ден биде потсетник за нашата заедничка одговорност и нека не обедини во нашата цел да создадеме побезбедна и посигурна иднина за сите нас. Скопје ќе биде повторно горд Град! Да живее Скопје!, нагласи Ѓорѓиевски.
Фото: ФБ на Орце Ѓорѓиевски