Дирекцијата за заштита и спасување информира дека во моментов во Македонија нема активни пожари. Активен беше еден пожар на територијата на општина Долнени во атарот на с. Стровија кај Гајдарец – Клепало, кој е изгаснат.
Од ДЗС соопштуваат дека за гаснење на пожарот на територијата на општина Долнени, рано утрово интервенирале екипи на Национални шуми со доброволци ловци, кои за неколку часа успеале целосно да го изгаснат овој пожар на отворен простор кој имаше зафатено поголема површина со сува и висока трева по гребенот на планината.
Посочуваат дека пожарот на планината Готен е целосно изгаснат и од радовишката и од беровската страна.
Дирекцијата за заштита и спасување информира дека денеска заминува словенечкиот тим од 61 пожарникар кои со 18 возила беа ангажирани во гаснењето на пожарот на планината Готен.
Директорот на ДЗС, Стојанче Ангелов им се заблагодарил за помошта од име на македонската Влада и македонските граѓани и им доделил благодарници.
Информираат дека утре ќе замине и чешкиот хеликоптер „Блек Хок“ со седумчлениот екипаж.
Фото: ДЗС