Таму гледам нов фризерски салон, со мегало рекламно пано, на него женска глава со раскошна пуцвал фризура. Руса! И над стаклениот влез со огромни букви, колку национално предавство, пишува: Радмилас Захаридос
Дојде време човек да не им верува ни на сопствените очи. Дури и тие почнаа да подлажуваат и да вршат предавства. Читам и не верувам во тоа што го гледам: Булевар Зокис Заевис! Ги тријам очите и читам буква по буква: З-о-к-и-с З-а-е-в-и-с! Очилата не ми се за далеку, ама ги ставам за секој случај. И пак го читам истото, само со очилата многу позаматено…
Се вртам околу дали има во близина брза помош или да барам на мобилен. Сум полудел! Знам дека ова порано беше Солун и оваа улица беше Цимитски. И тоа дека сега е друго време, ама ова што го гледам е премногу. Знам дека им беше тешко на Македонците од бивша Република Македонија да си го кршат јазикот на граѓаните на Северна Македонија за да изговараат Тхесалоники, па затоа го кратеа Цалоники или Цалоника. Што е право, право е, полесно за изговор беше Едеса, Килкиш, Флорина, Вергина… Ама булеваров во Цалоника ептен ме збуни.
Ај, се тешам, некогаш сонуваме лоши сништа. Не се сите убави како тој за НАТО и ЕУ. И за просечна од 500 евра. Тоа малку ме утеши. Е, до каде ми траеше утехата, до аголот на првиот семафор. Таму гледам нов фризерски салон, со мегало рекламно пано, на него женска глава со раскошна пуцвал фризура. Руса! И над стаклениот влез со огромни букви, колку национално предавство, пишува: Фризерница Радмилас Захаридос!
Се фатив за коса, ама убаво машки. И потегнав. Со помисла ако сонувам да се пробудам. Пробав и за брада да се скубнам, ама џабе… тазе бричен. И тоа не со обична туку со бричалка со три ножиња. Се ѕверам во салонот и веќе не им верувам ни на очите, ни на ушите… Ама ни на Бог веќе не му верувам. Во фризерницата полно госпоѓи, која од која полична, која од која попуцвал… И сите со руси коси како сериски да ги произвел Александар Македонски. А Гркинките ги знам уште кога студираа во Скопје. Ѕифт беа.
Си мислам, а сега со што да се утешам? Триење очи и кубење коса не помогна. Ај, си велам, ќе правам компромис со себе. Со арно да пробам, можеби е подобро решение отколку со триење и кубење. И не би час, кога гледам по булеварот Заевис шиба такси, а на вратата пишува Интернешнл такси компани Никос Димитрис! Тоа ме збуни уште повеќе…
И за белјата веднаш по него и друго такси. Истата фирма. Си велам, ако сум полудел, ќе полудувам до крај. Рипнав како просечна плата преку тротоарот и како луд почнав да мафтам со раце, а таксистот како одвај да ме чекаше баш мене. Мислам дека ме препозна оти сум од Скопиа и не само што ми се насмеа најљубезно, туку и излезе да ми ја отвори вратата. Како Крсто Муковски. Што е вон сите процедури и прописи за таксисти, не само во Грција туку и во цела ЕУ.
Јас, како варварин од север, ни едно ни две, му велам: „Вози до психијатриската клиника Алиса Ахметос!“ Ако сум полудел, си мислам, нека биде лудо и незаборавно до крај. А таксистот љубезно ми сугерира: „Може ли да одиме заобиколно? Ќе избегнеме гужви и побргу ќе стигнеме“. Одобрив со манир на вистински господин од варварскиот север.
А тој ми вели: „Во ред, тогаш одиме преку плоштадот Артан Нежнопулос“. Мене само што не ми излета пцовката од уста… Промрморев: „Вози преку… Оливера Спасопулоска, потоа скршни преку Павлос Шаренос Деусовски и Јаткица Јаневас, па откај паркот Јанис Макрадулис, па право кон пивницата Петрос Шилегос, сврти десно крај подофицерскиот дом Таљос Џаферос… А потоа шибај покрај филозофскиот сервис Феридос Мухис Пишманакос, летната играорна сцена Бетка М. Каменос и покрај погребалното Нинос Тодоракис…“
И редев така… по список. А таксистот ме испофали ко преспански договор: „Ах, па вие го знаете Салоника подобро и од Арачиново“! Од варварска куртоазија малку му се поднасмевнав на вицот. Ама малку. И кисело, ко згрешена туршија, со движење на усните приближно исто колку Фатиме Фетаи кога се смее на вест дека уште еден нејзин клиент добил амнестија…
И токму тогаш рокна. Ама не беше петарда. Толку силно рокнување може да биде само топовски удар. И тоа баш под мојата тераса. Ем се лутев што ме штрекна, ем бев благодарен што ми го „прекина муабетот со таксистот“. Веднаш потоа екна и друг плотун. Овојпат беше од некоја појака петарда што најавуваше дека Новата 2019 година, несомнено, доаѓа и во Ново Лисиче…
Кога се освестив од дремката, кисело и реално си се потсмевав. Многу покисело отколку на нереалниот таксист од кошмарната дремка. Зашто кошмарот на јаве е ист колку и во сонот. Дури на јаве е и многу поголем!
Димитар Грумар