Во интервју за „Тема на денот“ што се емитува во рамки на централниот Дневник на телевизија Сител , градоначалникот на Општина Демир Хисар, Никола Најдовски говореше за последните случувања во врска со разрешувањето на директорката Лозановска во СОУ „Крсте Петков Мисирков“. Тој е дециден дека процесот на разрешување е законски и врз основа на решение добиено од Државен просветен инспекторат по утврдени низа нерегуларности во однос на извршување на наставниот процес во самото училиште.

„Овој процес е чисто законски и е врз основа на решение добиено од Државен просветен инспекторат, во коешто јас се задолжувам веднаш и без одлагање да ја разрешам директорката на СОУ „Крсте Петков Мисирков“ во Демир Хисар. Исто како што предвидува законот постапив веднаш“, истакна градоначалникот Најдовски.

Најдовски посочи дека по однос на финансиските нерегуларности против директорката Лозановска се води друг случај, додека во врска со овој случај, истата разрешена е по утврдени низа нерегуларности во однос на извршување на наставниот процес во училиштето. Тој наведе дел од  нерегуларностите кои се констатирани.

„По однос на финансиските нерегуларности, против директорката се води друг случај, а овој случај, односно ова решение кое јас го добив од просветен инспектор е за големи нерегуларности во однос на извршување на наставниот процес во самото училиште. Се доставува решение во коешто се констатира дека не се остварени 158 наставни часа од годишниот фонд за редовна настава во училиштето, што значи дека по неколку наставни предмети учениците воопшто и не одржувале настава. Не се одржува дополнителна настава по 16 наставни предмети во две паралелки во учебната 2023/2024 година“, заклучува Најдовски.