„Историја се прави во државата. Прв пат по толку години да се издојат толку средства и толку луѓе да отидат на една НАТО вежба.Ви посакувам да бидете такви какви што сте, да бидете горди Македонци, да покажете што значи Македонија. Гордост е да се биде Македонец, гордост е да се претставува Македонија“.

Со овие зборови министерот за одбрана Владо Мисајловски им се обрати на околу 280 војници кои денес ги испрати, кои ќе учествуваат на меѓународната воена вежба „Saber Junction 25“ што се реализира во Хохенфелс, Германија.

Контингентот е опремен со формациска опрема, вооружување и воени возила, меѓу кои и новите лесни оклопни возила JLTV.

Мисајловски им порачал на војниците да бидат горди што ја носат армиската униформа и што ја претставуваат државата пред сојузниците, нагласувајќи дека Министерството и Армијата се подготвени да дадат целосна поддршка за секој предизвик.

-Историски чекор за Армијата! Македонските војници заминуваат на голема меѓународна вежба „Saber Junction“ во Германија. Првпат од постоењето на Армијата, целосна формација – зајакната чета со сите елементи на маневар, борбена поддршка и самоодржливост ќе ја претставува Македонија на вакво ниво, посочи Мисајловски.

Македонскиот контингент, кој е најголем досега што учествувал на оваа серија вежби, е дел од Лесната пешадиска баталјонска група и ќе има можност за дополнителна подготовка пред оценувањето на борбената готовност во 2026 година. Покрај развојот на интероперабилноста со НАТО сојузниците и партнери, вежбата има за цел да извежба распоредување на поголема единица надвор од државата, стратегиски транспорт, самоодржливост и логистичка поддршка.

„Saber Junction 25“ е организирана од Командата на американската армија за Европа и Африка и вклучува учество на голем број НАТО сојузници и партнери.