Димал Баша, пратеник од Движењето Самоопределување, денеска е избран за нов претседател на Собранието на Косово.

Изборот се случи на 58. продолжение на конститутивната седница, со 73 гласа „за“, 30 „против“ и тројца воздржани, по повеќе од четири месеци институционална криза и неколку неуспешни обиди за избор на собраниски спикер.

На почетокот на седницата, претседавачот констатираше присуство на 115 пратеници, што обезбеди кворум за работа. Пратеничката од Самоопределување, Арбери Нагавци, го предложи Баша за претседател, откако претходните кандидати на партијата – Албулена Хаџиу, Доника Ѓервала и Хекуран Мурати – не успеаја да ја добијат потребната поддршка.

За изборот на Баша клучна беше поддршката од дел од пратениците на Демократската партија на Косово (ПДК), иако дел од нив изразиле резерви за неговата компетентност.

Поддршка дадоа и пратеници од Алијансата за иднината на Косово, додека против беа пратеници од Демократскиот сојуз на Косово, Српската листа и Иницијативата за Косово (Нисма).

Во својот прв говор по изборот, Баша ја истакна важноста на Собранието како срце на демократијата и ја нагласил улогата на Косово како независна држава, остварена со поддршка од пријателските земји, предводени од САД.

– Оваа република е изградена на жртви и на заедничката верба дека нашата слобода и држава се поголеми од кој било личен интерес, изјави Баша, повикувајќи на соработка и единство заради економски развој, зајакнување на владеењето на правото и заштита на територијалниот интегритет.

Тој, исто така, го пофали напредокот на северот на Косово, истакнувајќи дека „криминалот во тој дел е сведен на минимум“, и ја повика Србија да се однесува демократски.

Изборот на Баша веднаш беше поздравен и од претседателот на Албанија, Бајрам Бегај, кој на социјалните мрежи му честиташе и му посака успешна соработка за доброто на Косово и неговите граѓани.

фото: архива