Финскиот претседател Александар Стаб се огласи денес по разговорите со украинскиот претседател Володимир Зеленски, велејќи дека планот за силна поддршка на безбедноста на Украина е на вистинскиот пат.

„Украина е подготвена за мир, Русија само купува време. Мора да извршиме притисок врз Русија да седне на преговарачка маса“, рече Стаб во објава на социјалната мрежа X.

Стаб додаде дека Финска и Украина, заедно со своите партнери, ќе продолжат да работат кон праведен и траен мир. Зеленски претходно објави дека се работи интензивно на хармонизирање на безбедносните гаранции за Украина, во соработка со европските партнери, САД и другите членови на Коалицијата на волјата.

Зеленски на X рече дека во разговорот со финскиот претседател Александар Стаб, тој ја нагласил важноста на координирањето на ставовите со цел да се постигне напредок во обезбедувањето стабилност во регионот.

„Украина е во процес на развивање силни мултилатерални безбедносни структури, а тимови од различни земји работат на дефинирање на клучните елементи на идната безбедност. Покрај тоа, се подготвуваат воени и дипломатски состаноци на високо ниво за да се забрза овој процес и да се утврдат приоритетите и временските рокови за имплементација“, рече тој на X.

Тој, исто така, нагласи дека односите со Соединетите Американски Држави остануваат клучни, но предупреди на негативните сигнали испратени од Русија, која продолжува да напаѓа украински градови.

„Притисокот е клучен и сметаме на конкретни чекори од Русија кон вистинска дипломатија“, рече тој, додавајќи дека очекува финскиот претседател наскоро да го посети Киев.