Евангелијата опишуваат како Христос му го вратил видот на еден просјак откако го испратил да се измие во базенот Силоам во Ерусалим, а деновиве археолозите пронајдоа монументална брана во древното срце на градот што ја означува поранешната локација на базенот.
Според „Дејли меил“, структурата можеби ја изградиле предците на Исус и датира од пред 2.800 години, од времето на владеењето на неговите предци, кралевите Јоас и Амасиј од Јуда.
Раководителот на археолошкото истражување и теренската истрага, Итамар Берко од Израелскиот завод за антиквитети, рече дека откритието дава „опиплива“ врска со местото опишано во Библијата.
„Ако досега можевме само да читаме во библискиот текст за постоењето на Силоамскиот базен, сега можеме да ги видиме неговите опипливи остатоци и неговите почетоци од пред 2.800 години. Зад нас е монументален ѕид од брана, со огромна големина, висок над 11 метри, датиран пред 2.800 години, за време на периодот на Првиот храм, за време на владеењето на кралевите Јоас и Амазија, а благодарение на многу прецизното научно датирање, ова е прв пат со сигурност да се посочи кон структурата што ја формирала основата за изградбата на Силоамскиот базен, за која знаеме само од Библијата и историските извори“, рече Берко.
Димензиите на ѕидот се опишани како „извонредни“ – покрај тоа што е висок 12 метри, широк е повеќе од осум метри и долг најмалку 21 метар – се протегаат надвор од границите на сегашното ископување. Без него, немаше да има Силоамски базен, а тоа е најниската точка во антички Ерусалим.
Базенот Силоам, кој се наоѓа во јужниот дел од археолошкото наоѓалиште Град Давид во Ерусалим, е многу почитуван од христијаните и Евреите. Изграден е пред околу 2.700 години како дел од водоводниот систем на Ерусалим во осмиот век п.н.е. Местото служело како резервоар за изворот Гион, од кој водата се пренасочувала и складирала во подземни тунели.
Според Библијата, базенот Силоам бил местото каде што Исус извршил чудо исцелувајќи човек слеп од раѓање.
View this post on Instagram