Премиерот Христијан Мицкоски во интервју за ТВ Алсат говорејќи за последните случувања со пожарите истакна дека постојат индиции кој може да биде инспиратор за сето тоа, веќе има поголема група на осомничени, и потенцираше дека институциите брзо се справија со предизвикот, ситуацијата е нормализирана, а одговорност ќе има за сите тие кои не сакаат да имаме стабилна и држава која напредува.

„Има индиции, имаме основано сомневање кој може да биде инспиратор за сето ова што се случуваше, но можам да кажам дека сум исклучително задоволен што за многу кратко време институциите во една координирана акција успеаја да го совладаат предизвикот и денеска можам да кажам дека состојбата и во Дрисла, и Вардариште, и во Трубарево е нормализирана и нема ни чадење“, потенцираше премиерот Мицкоски.

Премиерот Мицкоски нагласи дека се ова што го зборува е врз основа на информациите со кои располага, но она кое е најважно е дека состојбата е под контрола, граѓаните да бидат мирни и спокој и институциите кога се пред предизвик се организираат и екстремно брзо реагираат.

„Веќе имаме една група од дваесетина лица која е под мониторинг за која постои основано сомневање дека девијантно се однесувала во изминатиов период и оставам органите на прогон да си ја завршат својата работа. Многу лесно можете да дојдете до тоа кои се тие центри на моќ, тоа се тие кои не сакаат Македонија да биде успешна земја, кои не сакаат да имаме стабилна Македонија која ќе се развива, ќе ниже успеси, ќе расте ќе владее правото, ќе нема корупција и криминал, тие сакаат да ја видат таа Македонија од претходните 7 години понижена, ограбена, засрамена, со политичари со свиткани кичми. Многу лесно граѓаните ќе дојдат до одговорот“, изјави премиерот Мицкоски.

Премиерот Мицкоски посочи дека од почетокот на сезоната на пожари до денеска има повеќе од 30 лица приведени за кои постојат основани сомненија, но и докази дека учествувале подметнување на пожари.

„Ќе се сетите од случувањата во јуни кога наеднаш во околината на Скопје на неколку локации се случија неколку пожари, неколку лица беа приведени, за некои постоеше основано сомневање дека учествувале во подметнување, а во текот на летото исто така, и сега во Вардариште имаше акција, МВР приведе неколку лица и е одредена мерка притвор, исто и во Трубарево и Дрисла. Сите овие пожари кои се случуваат, можеби има кои не се од човечки фактор, но најголемиот дел од нив се предизвикани од човечки фактор“, додаде премиерот Мицкоски.

Премиерот Мицкоски истакна дека тоа што минатата влада седум години го уништуваше системот, ги клекнаа институциите на колена и го направи најголемиот грабеж во историјата не може да се поправи за 15 месеци, но оваа влада досега успеа да поправи многу, а уште многу останува да се направи.

„Дали ние за 15 месеци можеме да поправиме се што е уништувано тие седум години, не. Ние направивме многу, а уште повеќе останува да се направи. Ние сме единствената влада која привела министер од сопствените редови, тоа не се случило никому, а знаеме дека голем е бројот на министри кои учествувале во такви девијантни однесувања во минатото“, изјави премиерот Мицкоски.