На маргините на 80. Генерално собрание на Обединетите Нации, денес во Њујорк се обратив на првиот состанок на министрите за надворешни работи на Јадранско-јонската иницијатива (ЈЈИ) – историски момент и потврда за заедничката посветеност кон регионалната соработка, европската интеграција и конструктивниот мултилатерализам, напиша на Фејсбук министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски.
Состанокот беше организиран од страна на нашата држава, која ја презеде едногодишната улога на претседавач со иницијативата. Под мотото „Зајакнување на регионалното единство, унапредување на европската иднина“, ја потврдивме нашата определба за продлабочување на интеграцијата и зајакнување на врската со Европската Унија. Во обраќањето ја нагласив потребата од кредибилен процес на проширување на ЕУ, при што Западен Балкан мора да остане стратешки дел од европската иднина. Испративме јасна порака: единството е нашата сила, а европската интеграција – заедничка цел, истакна Муцунски.