Судскиот процес за случувањата во Собранието на Република Македонија на 27 април минатата година продолжува на 15 јануари, но сега против вкупно 18 лица.
Најголемиот судски предмет за „крвавиот четврток“ во Собранието, започна во август минатата година против 33 лица обвинети за „терористичко загрозување на уставниот поредок на државата“, а согласно Законот за амнестија за настаните во Собранието донесен во декември 2018 година досега амнестирани се 15-мина обвинети.
Судскиот процес се наоѓа во завршна фаза и треба да продолжи со изнесување на завршни зборови. На обвинителна клупа остануваат петмината кои не побараа амнестија: екс директорот на Бирото за јавна безбедност Митко Чавков, началникот во МВР за специјални операции Душко Лазаров, еден од водачите на „За заедничка Македонија“ Игор Дурловски и Јане Ченто и Игор Југ од патриотските здруженија, како и 13 обвинети чии барања за амнестија беа одбиени.
Судот ги одби барањата за амнетсија на Александар Василевски Нинџа, Никола Митревски Кољо, Горан Ѓошевски, Митко Пешов, Оливер Поповски, Оливер Радулов, Сашо Марковски, Мунир Пепиќ, Абдуљфета Алими, Младен Додевски, Горанче Ангеловски, Влатко Трајковски и Вилијам Михајловски.
КОК – 40/18 или познат во јавноста како „27 април“
Случајот за настаните во Собранието на 27 април 2017 година почна на 22 август 2018 година, против вкупно 33 лица, од кои 31 лице за терористичко загрозување на уставниот поредок на државата и двајца за поттикнување.
Во рамки на доказната постапка беа сослушани околу 50 сведоци, како и еден загрозен сведок, на чие сведочење беше исклучена јавноста. Како сведоци беа сослушани актуелниот премиер Зоран Заев, министерот Дамјан Манчевски, поранешниот претседател на Собранието Трајко Вељаноски, владиката Пимен и други.
По неколку маратонски рочишта во октомври, од кои најдолгото рочиште траеше 12 часа, во ноември рочиштата имаа намален интензитет, а некои дури беа и одложени. Почетниот моментум на судскиот процес значително се намали со отпочнувањето на собраниската постапка за помирување и носењето на Законот амнестијата.
Во декември почнаа и првите искази на обвинетите пред судот. Прво обвинетиот Стефан Младеновски пред Судот кажа дека за упад во Собранието кога СДСМ ќе формира Влада дознал во февруари 2017 година од Александар Василевски Нинџа, на средба на која имало и луѓе од МВР и УБК. Ваквиот исказ го потврди и неговиот брат, обвинетиот Михаил Младеновски во своја одбрана пред судот.
Обвинетиот Александар Василевски – Нинџа, во својот исказ пред Судот кажа дека движењето „За заедничка Македонија“ било формирано од ВМРО-ДПМНЕ и имала фиктивни водачи, додека вистинските водачи на иницијативата биле Спиро Ристовски и Кирил Божиновски и оти програмата за секоја нивна активност била пишувана во штабот на ВМРО-ДПМНЕ.
На 6 декември исказ пред судот даде и поранешниот директор на Управата за безбедност и контраразузнавање Владимир Атанасовски, кој беше уапсен на 4 декември и на барање на Јавното обвинителство му беше одреден 30-дневен притвор. На почетокот на годинава Кривичниот суд му одреди нови 30 дена притвор.
Собраниска амнестија со конечен печат од судот
Со 95 гласа „за“, без против и воздражни, Собранието на 18 декември го донесе по скратена постапка Законот за амнестија за настаните од 27 април 2017 година. Усвојувањето на законот следниот ден го поздрави Европската комисија, оценувајќи го како можност за помирување на општеството. По потписот од претседателот на државата Ѓорге Иванов, Законот на 20 декември е објавен во Службен весник на Република Македонија.
Согласно Законот, амнестијата не се однесува на организаторите, лицата кои извршиле физичко насилство, кои носеле оружје, како и службените лица кои ги пречекориле службените овластувања.
Околу 70 лица опфатени со повеќе судски процеси се инволвирани во случувањата од 27 април, а Основниот суд Скопје 1 соопшти дека до крајниот рок биле доставени 66 барања за амнестија. Досега амнестија добија 15 лица за случајот „27 април“, како и пет лица опфатени со други предмети. За сите останати барања се уште тече рокот за одлучување.
Позитивно мислење по барањата за амнестија, добија петтемината пратеници – Мукоски, Арнаудов, Василевски, Тарчуловски и Димовски, организаторите на иницијативата „За заедничка Македонија“ Богдан Илиевски, Владо Јовановски и Борис Дамовски, вработените во кабинетот на тогашниот собраниски спикер Иван Цветановски и Елена Доцевска-Божиновска, браќата Младеновски кои први открија детали за организацијата на крвавиот четврток и Захарије Симовски, Илија Славевски и Митре Питроповски од патриотските здруженија.
Јавната обвинителка Вилма Рускоска, по донесувањето на Законот за амнестија, рече дека не е задоволна од него, но и дека нема да има преквалификација на делото за обвинетите што не се опфатени со амнестијата.
– Преквалификација нема да има за тие обвинети што не се опфатени со амнестијата, затоа што не важи амнестијата за целото кривично дело „терористичко загрозување на уставниот поредок и безбедноста“, посочи тогаш Рускоска, нагласувајќи дека според Законот за амнестија во делот кој кажува кој нема да биде опфатен со амнестијата се организаторите и нарачателите.
Можноста за проширување на постапката и отворање на нови случаи против други лица инволвирани во настаните од 27 април 2017 година останува отворена, но засега на двегодишнината од случувањата на „крвавиот четврток“ во Собранието одговорноста се бара само кај останатите обвинети во случајот „27 април“.
МИА