Украинскиот претседател Володимир Зеленски изјави денеска во Њујорк, каде што учествуваше на отворањето на 80-тото заседание на Генералното собрание на ОН, дека гласот на Украина во Генералното собрание на ОН ќе биде особено силен.
„Гласот на Украина овде во наредните денови ќе звучи особено силно – за враќање на нашите деца, безбедносни гаранции и зголемен притисок врз Руската Федерација. Ќе направиме сè за да ги направиме нашите дипломатски позиции, нашата армија и поддршката за нашиот народ уште посилни“, изјави Зеленски пред новинарите, пренесува Укринформ.
Зеленски рече дека е важно сите состаноци планирани на маргините на Собранието да дадат резултати.
„Најважно е да дејствуваме заедно, во единство со сите партнери. Благодарен сум на сите што веќе се со Украина и се подготвени да продолжат да работат за мир“, рече Зеленски.
Општата дебата на високо ниво „Подобро заедно: 80 и повеќе години мир, развој и човекови права“ на Генералното собрание на ОН се отвори денес во Њујорк, каде што се очекува да зборуваат околу 150 шефови на држави и влади.