Европа мора да „порасне“ и да ја зајакне својата поддршка за Украина по коментарите на американскиот претседател Доналд Трамп, кој го поддржа Киев во неговите напори да ја врати целата територија окупирана од Русија, изјави денеска шефот на германската дупломатија, Јохан Вадефул.

Во разговор за германската радио станица Дојчландфунк, Вадефул рече дека Трамп сфатил дека неговите сопствени напори не успеале да го убедат рускиот претседател Владимир Путин да ја заврши војната во Украина, пренесоа денеска британските медиуми.

Изјавите на Трамп на платформата Truth Social означија ненадеен и голем реторички пресврт за американскиот лидер, кој претходно ја повика Украина да се откаже од територија за да ја заврши војната со Русија.

„И затоа мора да погледнеме што можеме да постигнеме сами. Можеме да постигнеме многу повеќе, не сите европски држави го исполнија она што ѝ го ветија на Украина. Мора да погледнеме какви други финансиски и воени опции имаме“, рече Вадефул.

Германскиот министер оцени дека коментарите на Трамп се добри за Украина и добри за Европа.

Вадефул додаде дека Трамп „навистина треба да признае“ дека неговите напори со рускиот претседател Владимир Путин „досега не биле успешни“.

Тој предупреди дека зајакнувањето на безбедносните напори на Европа нема да оди лесно.

Во својата објава на социјалните мрежи, зборувајќи за војната меѓу Русија и Украина, Трамп вчера рече дека „со време, трпение и финансиска поддршка од Европа, а особено од НАТО, оригиналните граници со кои започна оваа војна ќе бидат многу веројатна опција“.

фото: Архива