Кандидатот за градоначалник на Чаир, Бујар Османи, по потпишувањето на Кодексот за фер и демократски избори ја нагласи историската важност на претстојните избори, оценувајќи дека исходот во Чаир ќе ја одреди не само иднината на општината, туку и положбата на Албанците во државата за наредните децении, стои во соопштението на кандидатот на Националната алијанса за интеграција (НАИ) Османи, што го пренесуваме интегрално.

„Овие избори ќе ја одредат иднината на нашата општина, но и на сите Албанци во следните десет, па и дваесет години“, порача Османи.
Во своето обраќање, тој ја истакна суштинската дилема пред која се исправени граѓаните е каков Чаир сакаат и каква ќе биде позицијата на Албанците и нивното претставување во државата.

„Прво, дали конечно Чаир ќе почне да се менува. Дали ќе ставиме крај на дваесет години назадување, уништување и корупција вo нашата општина и ќе тргнеме напред со нова енергија, без корупција, со работа и посветеност. И второ, дали Албанците конечно ќе бидат еднакво и праведно претставени, или ќе останат вазали во Влада која не ги почитува нивните права. Дали Албанскиот глас ќе се слуша како рамноправна заедница, како државотворен народ или ќе продолжат понижувањата“, истакна Османи.

Османи ги повика граѓаните масовно да излезат на гласање бидејќи само така ќе кажат јасно дека сакаат промени.

„Секој глас е важен. Ова е моментот да кажаете доста е. Да кажете по дваесет години време е за промена. Не само да се сменат луѓето туку да се смени начинот на владеење, а тоа е чесно, посветено, отворено и заедно со граѓаните. Но тоа ќе биде можно само ако сите масовно излеземе и гласаме“, рече Османи.

Тој истакна дека неговата кампања ќе остане фер и позитивна, но со јасна цел, а тоа е промена во Чаир и враќање на достоинството на Албанците.

„Моја обврска е оваа кампања да остане фер, позитивна и насочена кон решенијата за проблемите на граѓаните. Нашите граѓани не бараат политички театар, ниту навреди и напади. Бараат промени, резултати и надеж. Тоа ќе биде мојот единствен фокус во следните дваесет дена“, изјави Османи.

Фото: Бујар Османи