Легендата на Реал Мадрид, Предраг Мијатовиќ ги критикуваше лидерските квалитети на Герет Бејл по разочарувачките 2:2 на „белите“ при гостувањето кај Виљареал доцна синоќа.

Србинот не го одмина и тренерот Сантијаго Солари, кој, според него, не требало да го вади Лука Модриќ од игра, иако Хрватот не бил целосно подготвен поради настинка. Самиот Бејл пак излезе повреден на полувремето и се уште не се знае колку долго ќе отсуствува.

– Она што продолжува да се случува со Бејл е многу жално. Ми се допаѓа како играч, но тој дури не е ни блиску до тоа да биде лидер на Реал, откако Кристијано си замина. Загрижувачко е дека тој продолжува да се повредува толку често. Ако некој играч ја започне средбата, се чувства добро и не ти побара да го замениш, не можам да разберам зошто го менуваш. Солари направи голема грешка што го смени Модриќ, изјави поранешниот напаѓач на Реал пред „Кадена СЕР“.

По вчерашното реми, Реал Мадрид е на четврто место со 30 бодови, 7 помалку од лидерот Барселона.