Израелскиот претседател Исак Херцог на одбележувањето на втората годишнина од нападот на Хамас на 7 октомври 2023 година, вчерашниот ден го нарече ден кога „душата на Израел беше растргната“, јави ДПА.
Во порака објавена на X, Херцог рече: „Од длабочините на тагата црпиме сила; од пепелта на трагедијата градиме обнова“.
Историјата на Израел тој ја опиша како историја на отпорност, на народ „кој никогаш нема да се откаже, никогаш нема да попушти и никогаш нема да престане да верува дека светлината ќе ја победи темнината“.
Обраќајќи им се на 48-те заложници што Хамас сè уште ги држи во Газа, Херцог вети: „Нема да се одмориме, нема да молчиме, сè додека сите 48 заложници не се вратат дома“, пренесе ДПА.
Херцог, исто така, пренесе германската агенција, го осуди она што го нарече „плима“ на антисемитизам што го зафаќа целиот свет, нагласувајќи дека Израел стои покрај еврејските заедници ширум светот.
Гледајќи напред, тој изрази надеж дека „од болката во овие две години, може да се роди нова ера на соработка и заеднички просперитет“.
Тој им се заблагодари на меѓународните партнери и сојузници на Израел за пораките на солидарност на годишнината, вклучувајќи го и американскиот претседател Доналд Трамп, на кого му ја припиша заслугата за неговите „неверојатни напори“ за враќање на заложниците дома и промовирање мир на Блискиот Исток, пренесе ДПА.
Во нападот предводен од Хамас на 7 октомври 2023 година загинаа околу 1.200 луѓе, а повеќе од 250 беа киднапирани во Газа, потсети германската агенција.