Во „Меѓу редови“ на КУРИР синоќа гостуваше директорот на Јавното претпријатие за државни патишта (ЈПДП) и поранешен градоначалник на Град Скопје во два мандати, Коце Трајановски. Со него разговаравме за повеќе теми, вклучувајќи ги и претстојните локални избори.
Го прашавме кој од 16-те кандидати за градоначалник на Град Скопје понуди програма која е најпотребна и најблиска до начинот на кој тој го водеше градот.
-Можеби ќе звучи пристрасно, но програмата на Орце Ѓорѓиевски е најблиску до она кое што јас како градоначалник на Град Скопје, каде бев 8 години, можам да го кажам. Во таа програма се содржани многу проекти кои уште тогаш кога бев градоначалник ги оставив како проекти или како идејни решенија. За жал, во 2017-та кога заминав многу проекти останаа нереализирани… Програмата на Орце сметам дека е најреална и е програма која е најсуштинска. Воедно, ако го гледаме како личност, тој беше и градоначалник на Кисела Вода, тоа негово искуство многу ќе помогне во практикувањето на новата улога како градоначалник на Град Скопје, рече Трајановски.
По двата мандати на Трајановски во Град Скопје, го наследија Петре Шилегов и Данела Арсовска. Во „Меѓу редови“ тој одговара: Каков градоначалник му треба на главниот македонски град?
-Пред се, му треба градоначалник кој има искуство во локалната самоуправа. Тоа е Орце Ѓорѓиевски. Останатите немаат искуство во локалната самоуправа. Многу е природно да бидеш на една општина во градот Скопје, па потоа да бидеш на Град Скопје. Така и јас бев. Бев градоначалник на Гази Баба, па станав на Скопје. Имав позади себе еден “бекраунд“ од резултати. Природен е напредокот. Не може некој што воопшто не бил во локална самоуправа, можеби може но е попроблематично и поризично. Не знаеш дали ќе се снајде или не, а веќе Орце има искуство во локалната самоуправа како успешен градоначалник на Кисела Вода за да може да продолжи едно нуиво повеќе. Тој ги знае и проблемите на Скопје затоа што има поделени надлежности. Сигурен сум дека Орце Ѓорѓиевски ќе биде идниот градоначалник на Град Скопје и сигурен сум дека многу брзо градот ќе почне да се менува, рече Трајановски.
Целото интервју со него погледнете го на видеото во продолжение.