Состојбата на Блискиот Исток, институционалните последици од преговорите за проширување на ЕУ, случувањата во Србија, владеењето на правото во Бугарија, претстојниот Самит на ЕУ, мерките кон Русија и приоритетите на Унијата за 2026 година се меѓу темите за дискусија на овонеделната сесија на Европскиот парламент во Стразбур.

Заседанието ќе започне доцна попладнево со дебати посветени на Меѓународниот ден за искоренување на сиромаштијата, на воспоставување рамка за мониторинг и перспективи за хемикалиите, како и за одлуката за изрекување казна на Гугл.

Утре седницата ќе почне со дискусија меѓу европратениците и претставници на Европската комисијата по неодамнешниот мировен договор на Блискиот Исток и улогата на ЕУ во неговата имплементација, по што ќе следи расправа за улогата на полицијата за внатрешна безбедност на ЕУ.

На попладневното продолжение на сесијата ќе се расправа за институционалните последици од преговорите за проширување на ЕУ, за поларизација и зголемена репресија во Србија една година по трагедијата во Нови Сад, за користење на замрзнатите руски средства за финансирање на обновата и одбрана на Украина и за буџетот на Унијата за финансиската 2026 година.

Покрај за овие прашање, европратениците ќе дебатираат со претставници на Еврокомисијата за нејзините приоритети за работа и политичките и законодавните иницијативи за следната година.

Утре вечер ќе биде објавен и добитникот на наградата за новинарство „Дафне Каруана Галиција“ за 2025 година, која се доделува за истражувачки новинарски стории.

Европскиот парламент денеска на Светскиот ден на слободата на печатот – 3 мај објави конкурс за поднесување пријави за кандидати за Годишната новинарска награда „Дафне Каруана Галиција“. 

Во конкуренција за наградата се сториите „Европската групација за производство на ракети МБДА продава делови за бомби што убиваат деца во Газа“ на „Дисклоуз“, „Гардијан“ и „Фолоу Мани“, „Проект за вечно лобирање“ на група медиуми предводени од „Монд“, „Принудени на кибер криминал (Кибер робови)“ на „Пари Мач“, „Кадар на смртта од широк агол“ на „Новости“, „Валкани исплати“ на „Медијапринт“, „Европска истражувачка соработка“ и 20 медиуми, „Проектот Викторија“ на „Форбиден Сторис“ и група медиуми, „Направи Молотов коктел: Како Европејците се регрутираат преку Телеграм за вршење саботажи, потпалување и убиства“ на „Делфи“, ОЦЦРП, „Пејпр Трајл Медија“, „Стандард“, „Тамедија“, ЗДФ и „РеБалтика“, „Екоцид во Ирак: Како големите нафтени компании ги претвораат мочуриштата во пустини“ на „ИРПИ Медија“, „Фондот за новинарство на Европа“ и ИЈ4ЕУ, „Тајните на флотата во сенка“ на група медиуми предводени од „Фолоу Мани“ и „Невидливиот фронт“ на „Миси Магазин“.

Во текот на утрешниот термин за гласање европратениците, меѓу другото, ќе се изјаснат по Извештајот за регулативата за возачки дозволи, за Општата регулатива за заштита на податоци, за Статутот и финансирањето на европските политички партии и фондации и за Новата законска рамка за производи адекватни на дигиталната и одржлива транзиција.

В среда седницата ќе започне со клучната дебата на овонеделната пленарна сесија посветена на Самитот на Европската Унија предвиден за четврток и петок, во чии рамки европратениците ќе расправаат со претставници на Европската комисија и со Данското претседателство со Советот на ЕУ за прашања поврзани со состојбите во Украина и на Блискиот Исток, како и за одбраната, безбедноста, конкурентноста, миграцијата и домувањето.

По ова ќе следи дебата за состојбата во Белорусија, пет години по претседателските избори во земјата, по што ќе се одржи и гласање по резолуција за ова прашање. Во продолжение пред европратениците ќе се обратат лидерите на белоруската опозиција Сергеј Тихановски и Свјатлана Циханоускаја.

Правниот тим на Европскиот парламент ќе подготви тужба против Европската комисија поради „пропустот“ да ги казни земјите кои го „кршат“ владеењето на правото.

В среда европратениците, покрај по резолуцијата за Белорусија, ќе гласаат за извештаите од дебатата за институционалните последици од преговорите за проширување на ЕУ и за состојбата во Србија, како и за Предлог-општиот буџет на Европската Унија за финансиската 2026 година.

Во попладневното продолжение на сесијата в среда ќе се одржи тематска дебата на иницијатива на либералната група Да ја обновиме Европа (РЕ) за насловена „Актуелното поткопување на демократските институции и владеењето на правото во Бугарија“.

По ова ќе следат расправи за подготвеноста на ЕУ една година по поплавите во Шпанија, за тврдењата дека Унгарија наводно ги шпионирала институциите на Унијата, за предлозите за целосен прекин на увозот на фосилни енергенси од Русија, како и за подготовките за Конференција на ОН за климатски промени во Бразил.

За в среда на пладне е предвидено и претседателката на Европарламентот, Роберта Мецола, ќе го објави лауреатот на наградата за слобода на мислата „Сахаров“ за 2025, за што кандидати се српските студенти организатори на протестите за промоција на владеењето на правото и борбата против корупцијата, затворените новинари Анджеј Поцобут од Белорусија и Мзија Амаглобели од Грузија и новинарите и хуманитарни работници во Палестина и сите конфликтни зони.

В четврток, на последниот ден од овонеделната парламентарна сесија, ќе се дебатира за обврските од Директивата за аудиовизуелни медиумски услуги во трансатлантскиот дијалог, за борба против насилството врз жените и девојчињата, за важноста на скринингот во справувањето со ракот на дојката, како и за предлогот за прекин на сезонската промена на времето.