Претседателот на Украина, Володимир Зеленски, денеска порача дека е подготвен да се приклучи на најавениот самит во Будимпешта меѓу претседателот на САД, Доналд Трамп, и рускиот лидер Владимир Путин, истакнувајќи дека е потребен поголем притисок врз Кремљ за да се стави крај на војната во Украина.
Трамп, по разговорот со Путин, најави втор круг мировни преговори во Будимпешта, а Зеленски во интервју за американскиот канал Ен-Би-Си потврди дека е подготвен да присуствува на тој самит.
– Ако навистина сакаме праведен и траен мир, двете страни мора да бидат вклучени. Како можеме да постигнеме договор за нас – без нас?, истакна украинскиот претседател.
Зеленски изјави дека „е добро што Трамп не рече ’не‘“ кога станува збор за испораката на американските ракети „томахавк“ за Украина, но додаде дека претседателот на САД „засега не рекол ниту ’да‘“.
– Путин е сличен на Хамас, само што е посилен, рече Зеленски, додавајќи дека руската армија е втора по сила во светот и оти затоа „е неопходен поголем притисок“.
Украинскиот лидер изрази надеж дека испораката на ракетите томахавк би можела да го смени текот на војната, но забележа дека тоа засега не се случило.
Рускиот претседател претходно предупреди дека испраќањето на тие ракети би претставувало „нова фаза на ескалација на конфликтот“.
– Путин се плаши дека САД ќе испорачаат ракети Томахавк на Украина и мислам дека со право се плаши – затоа што ние навистина би ги користеле, оцени Зеленски.
Иако повтори дека Путин го смета за „терорист“, Зеленски нагласи дека е подготвен за директна средба со рускиот претседател, но само под услови кои водат кон мир, а не, како што рече, „под бомби и дронови“.
За време на неговата посета на САД, што се совпадна со засилените руски напади врз украинската енергетска инфраструктура, Зеленски повтори дека Украина не ја губи војната, но додаде дека Русија ги интензивира воздушните удари затоа што, како што рече, „е слаба на фронтот“.
– Путин се обидува да предизвика енергетска катастрофа оваа зима, истакна Зеленски.
По средбата со украинскиот претседател, Трамп на социјалните мрежи порача дека Русија и Украина треба „да застанат таму каде што се сега“ и дека е време за примирје и договор.
– Ако сакаме итно да ја завршиме војната и да почнеме мировни преговори по дипломатски пат, мора да останеме таму каде што сме, без дополнителни отстапки кон Путин, рече Зеленски како одговор на прашањето дали е подготвен на територијални отстапки во име на мирот.
Зеленски изјави дека идејата за можен состанок со претседателите на САД и Русија во Будимпешта не би била позитивна за Украина, бидејќи Унгарија ги блокира сите иницијативи што се во корист на Украина. Тој додаде дека во план е набавка на 25 системи „Патриот“.
Зеленски, во разговор со новинарите, рече дека таа порака му ја пренел и на специјалниот пратеник на американскиот претседател, Стив Виткоф, јави украинскиот јавен сервис Суспилне.
– Имаше многу достојни опции – Швајцарија, Австрија, Ватикан, Саудиска Арабија, Катар, Турција. Затоа што тука зборуваме за мир во Украина, а не за избори во Унгарија. Не верувам дека премиер кој нè блокира на секој чекор може да донесе нешто позитивно или барем избалансирано, рече украинскиот претседател.
Тој додаде дека унгарскиот премиер Виктор Орбан промовира проруски ставови, вклучувајќи и тврдења за „безусловна предност на Русија во оваа војна“.
– Кога зборуваме за посредување, не мислам дека унгарскиот премиер има адекватен пристап за таа улога. Сакам да потсетам дека кога патуваше во Русија, Кина и САД, обидувајќи се да го зајакне својот политички авторитет, ние јасно кажавме дека не му дадовме никакви овластувања. Неговите обиди не дадоа резултати – што беше јасно уште од почеток, рече Зеленски.
Говорејќи за Меморандумот од Будимшета од 1994 година, со кој големите сили гарантираа територијален интегритет на Украина во замена за нејзиното откажување од нуклеарно оружје, Зеленски потсети дека тој документ не беше ефикасен и оти на тоа го потсетил и Трамп.
Сепак, според Зеленски, Трамп го гледа „унгарскиот формат“ како можен следен чекор што, според него, би можел да донесе резултати, вклучувајќи и прекин на војната.
– Го делиме оптимизмот со претседателот Трамп, ако тоа води кон завршување на војната. По повеќе од два часа разговор со него и неговиот тим, мојот впечаток е дека неговиот став е дека фронтот останува таму каде што е, што може да биде позитивен сигнал – доколку сите страни го сфатат тоа, рече Зеленски.
Зеленски исто така нагласи дека за време на посетата на Вашингтон разговарал за можноста за потпишување договор за набавка на 25 американски противвоздушни системи „Патриот“, кои Украина би ги добивала постепено во следните години.
Како што наведе, тој број системи го побарале Воздухопловните сили на Украина, но испораките нема да бидат веднаш поради големата побарувачка и постоечките нарачки на други земји.
Тој додаде дека во клучните земји членки на НАТО постојат системи „патриот“ кои формално им припаѓаат на САД, и оти Украина може да ги добие тие системи доколку има политичка поддршка од Вашингтон.
Планирано е средствата за набавка на 25-те системи делумно да се обезбедат од користењето на замрзнат руски имот, а финансиската основа за овој план, како што рече, веќе е подготвена.
Фото: Ен-Би-Си скриншот