Под мотото „Делуваме денес — за воздухопловството утре!“ денеска во Градскиот парк во Скопје, се одржува петтото издание на воздухопловно-едукативниот саем – Скопје Air Fair 2025, во организација на Здружението за подобро воздухопловство „Авикон“.

На настанот, покрај бројни воздухопловни институции, компании и организации, учествува и Одделот за воздухопловни единици при Министерството за внатрешни работи, кој на својот промотивен штанд ќе ја претстави работата, мисиите и капацитетите на полициската хеликоптерска единица.

Курир

Посетителите имаат можност одблиску да се запознаат со полицискиот хеликоптер BELL – 412EP, специјализираната опрема и задачите кои оваа единица ги извршува – како што се потраги и спасувања, гасење пожари, медицински евакуации, транспорт на единици за брза интервенција и други операции од јавен интерес.

-Преку директна комуникација со воздухопловниот персонал, младите посетители ќе имаат можност да дознаат повеќе за условите и предизвиците на пилотската професија, процесот на обука и улогата на воздухопловните единици во поддршка на јавната безбедност.

Со учеството на „SKOPJE AIR FAIR 2025“, Министерството за внатрешни работи ја потврдува својата посветеност на транспарентноста, приближување на воздухопловните служби до јавноста и поттикнување на интересот кај младите кон воздухопловството, информираат од МВР.

Посетителите на саемот ќе можат да се запознаат со професиите: контролори на летање, пилоти, инженери, инспектори за безбедност и сигурност во воздушниот сообраќај и многу други воздухопловни експерти.

Од „Авикон“ велат дека саемот претставува централно место за професионална ориентација на младите и уникатна можност за сите посетители да се запознаат со авијациската индустрија во земјата.