Мултиетничкиот карактер на државата и добрите меѓуетнички односи мора да останат приоритет, СДСМ до среда ќе одлучи со кого ќе коалицира или поддржи за вториот круг, истакна денеска претседателот на СДСМ, Венко Филипче, од штабот на партијата во општина Аеродром од каде порача дека нивниот кандидат Александар Трајановски влегува во вториот круг со силна поддршка и јасна визија за општината.
-Во текот на изминатата недела направивме детални анализи на гласовите и согласно тоа ја дефиниравме стратегијата за настап во вториот круг. Ги повикувам сите граѓани на Аеродром да излезат во уште поголем број и да го дадат својот глас за Трајановски, кој покажа дека има капацитет да ја води општината, рече Филипче.
Тој го оцени противкандидатот од ВМРО-ДПМНЕ како неактивен, посочувајќи дека не исполнил ниту 20 проценти од својата програма.
На новинарско прашање за евентуална поддршка за општините каде СДСМ нема свој кандидат во вториот круг, особено Кичево и Брвеница, Филипче истакна дека одлуката за поддршка ќе биде донесена најдоцна до среда.
Спорд Филипче мултиетничкиот карактер на државата и добрите меѓуетнички односи мора да останат приоритет.
-Ќе разговараме со сите политички чинители, не само за Кичево и Брвеница, туку и за Скопје, Карпош, Куманово. Одлуката нема да се базира на етничка припадност, туку на карактеристиките на локалните организации и расположението на нашите членови, рече Филипче.
Тој најави и кадровски промени во партиското раководство по изборите, како дел од процесот на консолидација.
-Партијата ја затекнав во тешка состојба, но резултатите од овие избори покажуваат дека работата со општинските организации дава ефект. Имаме три добиени општини и 16 каде што влегуваме во вториот круг, со значително зголемен број гласови, додаде Филипче.
Во однос на изборниот процес, тој посочи дека СДСМ се соочила со сериозни притисоци во повеќе општини, вклучително и обиди за поткуп на гласачи, за што се известени надлежните институции.
Се надевам дека граѓаните ќе препознаат дека нашите кандидати имаат добри менаџерски способности и јасна програма, за разлика од кандидатите на ВМРО-ДПМНЕ, заклучи Филипче.
Кандидатот на СДСМ за градоначалник на Аеродром Александар Трајановски нагласи дека очекува широка поддршка од граѓаните, без оглед на нивната политичка припадност.
-Апсолутно очекувам поддршка од сите политички чинители, јас граѓаните не ги делам по основ политичка партија. Правиме теренски анкети, цело време сме меѓу граѓаните, така што добивам поддршка од голем број граѓани без разлика од која политичка партија се. Ги повикувам сите масовно да излезат да гласаат, затоа што во нив останува клучот за промените во оваа локална власт, истакна Трајановски.
Тој додаде дека официјално нема разговори за поддршка од други партии, но неофицијално остварува средби со кандидатите од различни политички опции, бидејќи, како што рече, и лично ги познава.




